Литванската претседателка Далија Грибаускајте изјави дека Русија за постојано распоредила во својата енклава Калининград проектили способни да носат нуклеарни боеви глави.
Според неа, станува збор за распоредување на проектилите „Искандер“ кои, како што рече, се закана не само за Литванија, туку и за „половина европски земји“.
Претседателот на одборот за одбрана на руската Дума генерал-полковникот Владимир Шаманов потврди за руските новински агенции дека тие ракети се распоредуваат во Калининград. Тој истакна дека таквиот потег претставува одговор на трупањето оружени сили на НАТО во близина на руската граница.
„Искандер“, преносен систем на балистички проектили кој што од НАТО е означен како “SS-26 Stone”, го замени ракетниот систем „Скуд“ од советскиот период. Секоја единица има по два проектили на наведуање кои што имаат домет од 500 километри, а главна карактеристика е тоа што можат да понесат покрај конвенционалната и нуклеарна боева глава.
Балтичките земји кои што се членки на НАТО Алијансата, изразија надеж дека на следниот самит на НАТО кој што во јули ќе се одржува во Брисел, најмоќниот воен сојуз на светот ќе одобри зајакнување на капацитетите за воздушна одбрана за тоа подрачје.