Израел соопшти дека затворил голем дел од своето воздушно пространство во саботата, но дека главниот аеродром во Тел Авив работи нормално и покрај инцидентот со иранско беспилотно летало, како и дека започнал напади врз батерии на противвоздушната одбрана и „ирански цели“ во Сирија, а сириската војска тврди дека погодила израелски борбен авион од типот „F-16“ кој се урнал во северен Израел.
Израелската армија наведува дека авионот „F-16“ се урнал во текот на мисијата против иранските дронови во Сирија, каде што шиитските милиции од регионот помогнати од Иран се борат на страната на владата на претседателот Башар ал-Асад. Според овој извор, двајцата пилоти преживеале, но едниот е во критична состојба.
Израел соопшти дека испратил авиони во Сирија по уривањето на иранскиот дрон кој летал над израелска територија претходно во саботата. Се наведува, исто така, дека неговите борбени авиони биле нападнати во Сирија, иако засега не е познато зошто авионот се урнал.
„Нападнати се 12 цели, меѓу кои три батерии на противвоздушната одбрана и четири ирански цели кои се дел од иранскиот воен естаблишмент во Сирија“, се наведува во соопштението на израелската војска.
Во текот на нападот биле истрелани противавионски проектили кон Израел, поради што во северен Израел се слушнале сирени за предупредување на населението од воздушен напад.
Сириските државни медиуми известуваат дека станува збор за два одвоени израелски напада. Воен извор рекол дека во првиот напад сириската воздушна одбрана отворила оган како одговор на израелскиот „чин на агресија“ врз воена база, како и дека притоа погодила „повеќе од еден авион“.
Подоцна сириските медиуми известија дека воздушната одбрана одговорила на нов израелски напад, како и дека се спречени напади врз воени позиции на југот од земјата.
Растечката моќ и влијанието на Иран во Сирија во текот на речиси седумгодишната војна, вклучително и помагање на силите кои ги поддржува Техеран во близина на Голанската висорамнина која е окупирана од Израел, предизвикува загриженост на Израел кој предупреди дека ќе дејствува против секоја закана од својот најголем регионален непријател Иран.
„Иран си игра со оган и за тоа може да плати висока цена“, изјави денеска портпаролот на израелската војска Џонатан Конрикус.