ВИДЕО – Вработените во „Еурокомпозит“ : Државата нема никаков слух за нашите проблеми, оставени сме сами на себе

И денеска вработените во „Еурокомпозит“ продолжија со штрајкот и блокади на улиците во Прилеп. Тие ја блокираа крстосносницата кај кружниот тек, кај споменикот „Карпалак“. Велат дека иако штрајкуваат веќе 4-ти ден нема никаква реакција од страна на државата за нивните проблеми. Најавуваат наскоро одење во Скопје и штрајк пред Владата.

 

 

„И покрај временските услови што не ни се наклонети и денеска ја блокиравме крстосницата на кружниот тек кај споменикот „Карпалак“ во траење од еден час. Ќе продолжиме и понатаму со штрајкот и блокадите се додека не ни се исполнат нашите барања. Досега немаме никаква реакција, а искрено очекувавме, особено по блокирањето на патот Прилеп-Скопје, но за жал никој не ни се јави. Деновиве ќе одиме и на протести во Скопје пред Влада. Директорите не доаѓат ниту на работа, ниту пак разговараат со нас“, кажа Роберт Богданоски, претседател на синдикална организација.

Вработените велат дека планираат да го зголемуваат времетраењето на блокадите од 1 час на неколку часа, а исто така најавија повторна блокада на патот Прилеп-Скопје во наредните денови. Се жалат дека државата немала никаков слух за нивните проблеми.

 

„Како што гледате веќе 4-ти ден протестираме и штрајкуваме, до денес ниту раководството на фирмата, ниту пак државава се заинтересира за нас, а може слободно да видите дека старосната граница на сите овие луѓе тука е над 60 години и јас мислам дека жално е што ниту еден од државава досега не излезе да не запраша зошто сме тука. Ние не тврдиме дека целиот проблем е од оваа власт, тој се провлекува повеќе од 10 години, меѓутоа на вакви услови и со ваква старосна граница на луѓето и никој да не се заинтересира тоа е доказ дека никој нема ниту слух, ниту грев за нас, особено раководството на фирмата. Никој во државава не го интересира што се случува со „Еурокомпозит“, изјави Цветан Бунтески, член на синдикалниот одбор.

 

 

Вработените денеска побараа и оставка на директорите во фирмата.

 

„Бараме итна оставка од раководството на „Еурокомпозит“ бидејќи не сакаат ниту да ги слушнат нашите маки“, рече Горан Велески, вработен во „Еурокомпозит“.

 

Вработените во оваа државна фирма најавија дека и утре и ќе продолжат со блокирање на улиците во Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи