Нова рунда преговори за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција на ниво на министри за надворешни работи под посредништво на медијаторот Метју Нимиц се одржуваат денеска во Виена.
Од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас синоќа се сретнале во Виена, а за денеска имаат заеднички состанок со медијаторот Метју Нимиц.
Посредникот кон крајот на минатиот месец ги посети Атина и Скопје, каде што имаше одвоени средби со македонскиот и со грчкиот државно- политички врв.
Грчкото МНР веќе објави фотографија од средбата на Твитер профилот на Коѕијас, со кратко објаснување дека средбата под покровителство на Нимиц е дел од разговорите за наоѓање на заемно прифатливо решение за името.
Преговорите прв пат по обновувањето се водат на ниво на министри за надворешни работи, откако за тоа се договорија премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на средбата во Давос минатиот месец.
Нема информации дали на денешната средба ќе се разгледува нацрт-договорот којшто „за средината на февруари“ го најави Коѕијас. Тој минатиот месец рече дека се подготовува нацрт-договор од четири точки (поглавја) кој, доколку биде прифатен, ќе претставува основа за решавање на спорот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји, и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.
„Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односи“, изјави Коѕијас.
В четврток и в петок двајцата министри ќе се сретнат и во Софија, каде што се одржува неформален совет на министрите за надворешни работи на ЕУ.