На денешната 9-та седница на Советот на Општина Прилеп изгласа да ја прифати минималната цена за водата за пиење предложена од Регулаторната комисија, односно цената на водата за пиење да остани иста како и досега 26,92 денари за метар кубен. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека со овој чекор Јованоски ги излажал прилепчани и тие не добиле поефтина вода за 20% како што ветувал во предизборната кампања.
„Денес се одржа 9-тата седница на советот на Општина Прилеп. На оваа седница денес беа изгласани и неколку штетни точки за граѓаните на Општина Прилеп, меѓу кои и за покачување на сметката за вода. Во предизборниот период, градоначалникот Илија Јованоски, ветуваше на граѓаните 20% пониски сметки за вода и ова требаше да го спроведи. Денеска го видовме лицемерието на СДС на дело. Овде се спореше дали сметките ќе бидат повисоки или пониски, но еве можете да видите како ќе изгледа една сметка во иднина. Значи за потрошени 20 метри кубни вода, сега граѓаните ќе плаќаат некаде околу 1 евро повеќе. Оваа лага на СДС и градоначалникот Илија Јованоски, граѓаните ќе ја добијат дома наредниот месец. Лагата на СДС ќе влезе во домовите на прилепчани, кои очекуваа дека градоначалникот ќе си го исполни своето предизборно ветување, односно 20% пониски сметки за вода. Уште еднаш да резимираме, од овој месец граѓаните на Општина Прилеп ќе добиваат повисоки сметки за вода“, истакна Петар Ристески, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради тоа што сопругата на еден од советниците од мнозиинството била вработена во ЈКП „Водовод и Канализација“ изгласаните точки за водата на 9-тата седница се откажаа и се закажа итна 10-та седница со што при гласањето беше изземен тој советник. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа и тоа дека на првата седница советникот Сами Ајдини гласал воздржано, а на втората седница тој гласал ЗА.
„Денес видовме и една фарса. Се презакажаа 3 точки за 10 седница, затоа што не можеа да обезбедат кворум, бидејќи еден советник имаше судир на интереси и се случи за 20 минути еден советник да го смени своето мислење. Советникот од Сојузот на Роми, треба да им објасни на своите сограѓани, на Ромите, како за 20 минути ја смени својата одлука од воздржан да гласа ЗА, за повисоки сметки за вода, кои Ромите и сите граѓани на Општина Прилеп ќе ги добиваат од идниот месец па натаму. Уште еднаш ќе потенцирам, ова е крајно непринципиелно, едно да се зборува пред избори, а друго да се прави кога си на власт. Да се ветува нешто за кое се знае дека не може да се исполни. Да се ветува и да се дојди на власт со лага. Ова е екватантен пример како се лажат граѓаните пред избори. На здравје повисоката сметка за вода!“, додаде Ристески.