Како дел од проектот „Учиме заедно“ имплементиран од Локална акциона група Агро Лидер денеска во домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се организираше изложба на цртежи кои ги подготвија учениците од 5 основни училишта „Кирил и Методиј“ од с. Канатларци, „Исмаил Ќемали“ од с. Црнилиште – Општина Долнени, „Добре Јованоски“ од Прилеп, „Кирил и Методиј“ с. Бучин – Општина Крушево и „Ѓорче Петров“ од с. Ропотово – Општина Долнени. На изложбата самостојни цртежи испратија и ученици од ООУ „Кире Гаврилоски“ од Прилеп и ООУ „Никола Карев“ од Крушево. Темата на изложбата беше мултикултурно образование.
„Целта на проектот е да се промовира и да се даде еден мал придонес од невладиниот сектор во промоцијата на мултикултурното образование и градењето на добри меѓуетнички односи во училиштата каде што ги вклучуваме и наставниците и родителите на учениците. Им се заблагодарувам од тоа што имаше огромен интерес и од учениците и од училиштата во Прилеп и најмногу од се поради учеството на децата и како тие ја гледаат таа мултикултурна едукација и меѓуетнички односи. Овој проект се надевам дека ќе придонесе на териториите на општините Прилеп и Долнени да се зајакнат меѓуетничките односи особено кај младите, да покажат дека постои толеранција и почитување и дека заедно сме посилни. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам до училиштата и наставниците кои се вклучија во овој проект, а особено до децата поради тоа што тие не изненадија од големата заинтересираност и начинот на кој тие ја перцепираат мултикултурната едукација и меѓуетничките односи. Сите сме различни и токму таа разноликост не прави уникатни, а децата се најдобар пример како таа разноликост низ заеднички активности, низ учење, песна и игра може да го промовира концептот на мултикултурно образование“, истакна Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер.
Наставниците истакнаа дека учениците преку овие ликовни творби на свој уникатен начин го претставиле својот поглед за тоа како ги разбираат сите вредности на различните етнички заедници во Македонија.
„Мултикултурата е многу значајна за самите ученици и затоа сметам дека уште од најмала возраст ниие учителите треба да посветиме големо внимание да гии стекнат сите познавања за различните културни вредности и различните религискии вредности кај различните етникуми со цел кога ќе бидат возраснии личности да немаат некои предрасуди и стереотипи кон различните групи во поглед на етничка и религиска смисла. Затоа сметам дека самите ученици учејќи се од најмала возраст и прикажувајќи ги мултикултурните вредности со кои што располага нашата држава всушност се стекнуваат со основни вештини за ценење на мултикултализмот во нашата земја“, истакна Драган Јанкоски, наставник во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ с. Бучин – Општина Крушево.
„Според Мировната акција така и ние зедовме активно учество со нашите ученици и скромни можности, бидејќи работиме во една рурална средина, но имаме добар капацитет заедно со нашите наставници и колеги. Секогаш во секое време колку што се нашите можности толку би прифатиле и би учествувале на разни вакви активности. Работиме во мешан национален состав, но граници нема, многу се дружиме, сите активности заедно ги сработуваме, во нашето училиште наставата се одржува на македонски јазик, но учат ученици од македонска, албанска и турска националност“, вели Вера Петкоска, наставник во „Ѓорче Петров“ с. Ропотово – Општина Долнени.
Сите ученици рекоа дека имаат одлиичен соживот со нивните другарчиња од разлиичнии националности.
„Јас нацртав екскурзија со моите другарчиња и соживотот со моите другари“, рече Борис Николоски, ученик
„Јас нацртав православна црква и џамија, а ме инспирираше соживотот со моите другарчиња. Сама ја нацртав сликата и многу сакам да цртам“, вели Елена Мииноска, ученик.
„Ги нацртав децата од целиот свет со различни бои. На цртежот има планета и околу неа има деца“, кажа Теона Лозаноска, учениик.
„Јас сум Имер Имери доаѓам од село Црнилиште ООУ „Исмаил Ќемали“, јас нацртав џамија, црква и знамето на Македонија. Јас каде што живеам сме претежно Албанци, иима малку Македонци но соживотот е одличен“, истакна Имер Имери, ученик.
Инаку овој проект е финансиран од Мировна акција, а како дел од истиот кон крајот на месец март се предвидува и реализирање на една претстава во која ќе учествуваат учениците и ќе покажат како тие гледаат на мултиетничките односи кај нас.