Чистењето на снежни наноси во општина Прилеп, се одвива по приоритети коишто се утврдени согласно со Програмата за зимско одржување на улиците и патиштата, усвоена од Советот на Општина Прилеп. Јавното претпријатие за Просторно и урбанистичко планирање (ЈП ПУП), во чија надлежност е надзорот на зимското одржување, во периодот од 15 ноември до 15 март, врши редовна контрола и увид на работата на теренот.
„Од почетокот на снежните врнежи се интервенира непрекинато на теренот. Се чистат сите улици во градот, во коишто има можност за пристап на механизација. Се интервенира и во населените места. Онаму каде што нема пристапен терен за механизацијата, на сообраќајниците и патиштата се интервенира рачно. Песочењето е контролирано, изведено е навремено и квалитетно“, изјави Лилјана Базеркоска, од ЈП за ПУП.
Од ЈП за ПУП информираат дека поради минусните температури зголемено било количеството на сол што се тура по сообраќајниците, за да се постигне побрзо топење на мразот. За интервенција се користеле, пет камион со плуг за чистење на снегот и посипувачи во градското подрачје. Во населените места што гравитираат околу градот се интервенирало со камион со плуг и градежна машина за чистење на снегот. Употребени биле 87 м3 ризла со гранулат од 0-4 мм и 25 тони сол. Екипите се на терен во три смени и интервенираат деноноќно.
„И во периодот кога нема врнежи од снег, екипите се дежурни со 3 камиони со плуг и поставувач и 6 работници. Општата состојба на улиците е стабилна и под контрола“, акцентира Базеркоска.
Долку граѓаните имаат потреба за дополнителна интервенција, да се јават, на телефонскиот број: 078/308-053, за да се преземат активности за чистење на теренот и други проблеми, што можат да бидат предизвикани од снегот и ниските температури.