Антикорупционерите под истрага во Обвинителство, парламентарното мнозинство бара оставка

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас ​за трошењето буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување корупција.

 

„Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас ​за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција. По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции“, соопшти Обвинителството.

 

Ревизорскиот извештај на УЈП за работата на Комисијата покажа дека дел од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци. Дополнително како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.

 

Поради тоа парламентарното мнозинство побара оставка од членовите на оваа комисија.

 

„Ако Антикорупциска не поднесе оставка, бидејќи не заслужуваат да останат понатаму ниту еден ден, тогаш парламентарното мнозинство ќе покрене постапка за разрешување на комисијата“, рече Фросина Ременски, потпретседател на Собранието од СДСМ на прес-конференција во Собранието.

 

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien