Со положување на свежо цвеќе на споменикот кој се наоѓа во близина на селото Плетвар кај Прилеп денеска беше одбележана 76 годишнината од смртта на народните херои Борка Талески и Лазо Филиповски – Лавски. На 2 март 1942 година на ова место тие биле фатени во заседа и биле убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Денеска на споменикот свежо цвеќе положија делегации на градската библиотека „Борка Талески“, која го одбележува својот патрон празниик, делегација од Боречката организациија и Општина Прилеп.
„Денеска се наоѓаме на едно значајно место, во близина на нашиот град Прилеп, на Плетвар, каде што во текот на НОБ се убени нашите најзначајни народни херои, Борка Талески и Лазо Филипоски – Лавски. Борка Талески е студент на медицина, но поради револуционерни идеи ги напушта студиите и покрај тоа што потекнува од едно поимотно семејство, се вклучува многу рано во револуционерната борба, уште од Белград како студент, а покасно во Прилеп во партиската организација. Лазо Филипоски – Лавски не случајно е така наречен. Бил многу храбар човек. Тој е кавадаречко Мрзинско, но ете работата партиска заедно ги вклучила. Двајцата народни херои, на ова значајно одбележување, кое секоја година се почитува и се одбележува, во свое време и со учесници од фамилијата на Борка Талески, но времето си го носи своето. Инаку може да се кажи дека тие двајца се многу заслужни народни херои, кои ги дадоа своите млади животи за слободата, против фашистичкиот окупатор. Тие се предадени. Прво требало да се заштитат во Велес, па од таму се враќаат, но сепак предавството си го направило своето. Тие се убиени во подножјето на овој споменик и после е подигнат овој споменик како знак за вечно одбележување на тие паднати борци за слобода на Македонија и за формирање своја македонска држава“, истакна Круме Соколоски, претседател на организацијата на борци на Општина Прилеп.
Свежо цвеќе беше положено и пред спомен бистата на Борка Талески, на Паркот на Револуцијата како и пред споменикот на Лазо Филиповски – Лавски кој се наоѓа во дворот на Центарот за обука во Прилеп.
„Денес е патрониот празник на градската библиотека „Борка Талески“. ОВде со преставници од библиотеката, со преставници од боречката организација, со преставници од локалната самоуправа го одбележуваме овој светол датум, овој момент на споменикот на Чашка, каде положуваме свежо цвеќе во знак на сеќавање и почит на народните херои Борка Талески и Лазо Филипоски – Лавски, кои во 1942 година ги положија своите животи за слободата на Македонија“, истакна Петар Петрески, директор на градска библиотека Прилеп.
Во Прилеп својот патрон празник денеска го одбележува и општата болница која го носи името на народниот херој Борка Талески.