ВИДЕО – Со традиционален планинарски марш одбележани 74 години од Февруарскиот поход во Прилеп

Со традиционален планинарски марш, кој се одржува веќе со децении, денеска во Прилеп беа одбележани 74 години од еден од најзначајните настани за време на НОБ – Февруарскиот поход. Според Никола Стојаноски, претседател на главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија целта на походот била да го развие востанието и да се продолжи кон конечно ослободување на државата и создавање сопствена македонска држава.

 

 

„Денеска присуствувам на овој собир, на ова свечено одбележување на Февруарскиот поход. Движењето на Февруарскиот поход е Источна и Централна Македонија. Во 1942 година во пределот на Централна Македонија беше разбиен бугарскиот окупатор. Целата администрација, целата просвета која беше поставена избега затоа што тука делуваше партизанскиот одред и целта на овој февруарски поход е да се оживее тој период и да се настави борбата за конечно ослободување на Македонија и она што било главна цел да се созададе сопствена држава, да македонскиот народ доживее прв пат по Крушевската република да стане држава. И сите да се бориме на тоа да останеме, да живееме во демократски систем и да бидеме дел од ЕУ. Главната порака е да продолжат по нашиот пат младите, ние кои сме биле борци сме создале држава, сме основале држава, а останува на младите да тие настават да ја чуваат државата и да работат во напредок на сите полиња од животот. Значи да се чува тоа што е стекнато и да се продолжат традициите на НОБ“, изјави Никола Стојаноски, претседател на на главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија.

 

Претседателот на сојузот на борци на Прилеп, Круме Соколоски истакна дека Февруарскиот поход покажал голем патриотизам кај сите млади патриоти кои го дале животот за Македонија.

 

„По конституирањето на планинарските единици на Кожуф планиина, формирани се три оперативни групи со цел да се раздвижи востанието во Македонија. Едната група оди кон Источна Македонија, другата кон Велешко, Азот па се до Поречието, а втората македонско-народна ослободителна бригада оди кон Тиквешко, демир Капија и Прилепско. Прилеп градот херој секоја година го одбележува овој најзначаен настан за НОБ, за борба против ропството и формирање на сопствена македонска држава. Овој настан е најзначаен затоа што во 1943 година масовно се формираат батаљони и партизански одреди, повеќе борци влегуваат народно ослободителното движење и на крај се формираат бригади, дивизии за да тоа заврши со 100.000 луѓе кои беа дел од македонската војска во 1944 година. Февруарскиот поход покажа една голема издржливост, голем патриотизам кај сите млади патриоти, партизани, кои не го жалеа својот живот и кој го положија во тој поход“, истакна Круме Соколоски, претседател на сојузот на борци на Прилеп.

 

„Февруарскиот поход значи омасовување и поттикнување на населението за што помасовно ангажирање и преземање на активности за влез во партизанските одреди. Партизанскиот марш значи поделба на првата и втората македонско народна ослободителна ударна бригада во 3 правци за да навлезат во западнииот, централниот и источниот дел на Македонија. Да влезат во селата, да изведат што е можно поголем број на акции и да го поттикнат населението за поголемо ангажирање и вклучување во истите. Тоа имало голем успех, од тој момент партизанското движење е омасовено за да веќе кон почетокот на 1944 година започнуваат акциите кои значат победа и успеси на партизаните врз фашистичките сили“, истакна Рубин Белчески, историчар.

 

 

 

Годинава манифестацијата ја посетија над 200 планинари од повеќе градови на Македонија, кои денеска поминаа 18 км. во околината на Прилеп, завршувајќи во манастирот Свети Димитрија во с. Селце.

 

„На маршот учествуваа над 200 планинари од повеќе градови, кој е со вкупна должина од 18 км., патеката не беше многу тешка. Важно е тоа што особено младите генерации се запознаат со традициите на НОВ и да ги запознаеме со „Богомилската епопеја“ каде што нашите предци ги дадоа своите животи за слобода на Македонија“, истакна Славе Кромидоски, организатор на маршот.

 

 

 

 

 

Градоначалникот на Прилеп истакна дека наредната година општината ќе биде генерален спонзор на манифестацијата.

 

„Организацијата денес покажа како треба да се грижи за Татковината како треба да се создаваат услови за младите да знаат што понатаму да прават како во општеството така и во својата професија. Се договоривме со претседателот за наредната година, кога ќе имаме еден јубилеј од 75 години од февруарскиот поход, локалната самоуправа ќе даде голема поддршка за да се одржи таа церемонија“, изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

 

Настанот заврши со посебна пригода и традиционално планинарско гравче за учесниците.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien