Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева истакна дека СЈО истражува криминал во повеќе европски земји, односно дека обвинителството е фокусирано на финансиските истраги и откривање каде се одлеале парите.
„Се надевам дека ќе откриеме каде се одлеани парите и дали се во Македонија“, рече Јанева, посочувајќи дека истражуваат финансиски криминал во Чешка, Грција, Велика Британија и Холандија.
Таа истакна дека СЈО веќе соработува со повеќе држави, а нивни обвинители веќе биле и во студиски посети. Јанева истакна дека нема да дозволат да им бидат врзани рацете во однос на меѓународните финансиски истраги.
„Секој ден наоѓаме начини и се обидуваме да најдеме законски начини како нашите финансиски истраги да одат побргу. Сите обвинители и целиот обвинителски тим на СЈО најмногу работат на финансиските истраги. Имаме и многу материјали кои се собрани и се анализираат на дневна основа“, рече Јанева.
Јанева го изјави ова во пресрет на презентацијата на проектот „Заедно за одговорност: Поддршка на СЈО во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка“, кој што ќе трае три години и е финансиран од страна на Холандската амбасада, а целта е зајакнување на оперативните капацитети на СЈО и меѓународната правна помош, што е неопходна за побрзо водење на финансиски истраги.