Северна Кореја е подготвена да се откаже од тестирањата на нивниот нуклеарен арсенал доколку се укинат заканите кон земјата и се седне на дирекни преговори со САД.
Ова го објави специјалниот советник за национална безбедност на јужнокорејскиот претседател, додавајќи дека Северна Кореја е подготвена на отворен разговор со САД на тема денуклеаризација на земјата и нормализирање на односите помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
Исто така, како што соопшти јужнокорејската делегација што престојува во дводневна посета на Пјонгјанг, Северна Кореја е подготвена да се откаже од дополнително складирање на овој вид оружје доколку се обезбедат меѓународни гаранции.
Северна Кореја ветила и дека нема да употреби никакво оружје против својот јужен сосед.
Истовремено, Јужна Кореја се согласила да одржи средба со Северна Кореја на највисоко ниво наредниот месец. Најавено е дека лидерите на двете земји ќе се сретнат во пограничната демилитаризирана зона во Панмунџон кон крајот на април.