Министерот за здравство Венко Филипче информира дека престојат одредени промени во Национален систем за електронски евиденции во здравството, МојТермин.
Станува збор за моделот за финансиско и материјално работење кој се имплементира во сите јавни здравствени институции со цел во секој момент да знаат со што тие располагаат од лекови и материјали, за да не дозволат да има дефицит на едно место, а на друго едноставно поголема количина, а тие воопшто немаат увид.
Филипче посочи дека системот се надградува и со формирање модули во кои се ставаат посебните центри кои го чуваат инсулинот за да имаат електронски увид, се прават електронските регистри на пациентите со ретки болести, но и на пациентите со хронични болести.
„Очекуваме дека во следниот период, се надевам дека до крајот на годинава ќе имаме еден електронски систем кој ќе ги интегрира сите јавни здравствени институции, а ние како Министерство за здравство ќе имаме увид во секој момент со што тие институции располагаат. На тој начин, значително го намалуваме ризикот да дојде до дефицит на каков било материјал или лек во која било болница во државата“, додаде Филипче при денешната посета на Детската клиника.
Филипче исто така нагласи дека поради големиот хаос кој што го создавале приоритетните упати, одредени промени ќе се имплементираат во тој сектор, односно повеќе нема да постои приоритетен општ упат, туку ќе има приоритетен упат со точни дијагнози по области.
Точно ќе се знае за каква дијагноза станува збор во соодветна област што навистина е итна, ќе се добие тој упат и тој пациент ќе мора да биде прегледан во рок од 24 часа таму каде што е упатен“, изјави Филипче.