ВИДЕО – Уметниците од Прилеп со брзо сликање го одбележаа празникот 8-ми март

Со манифестацијата „Брзо сликање“ која се одржа по 9-ти пат во домот за култура „Марко Цепенков“ уметниците во Прилеп го одбележаа меѓународниот ден на жената 8-ми март. Директорката на Домот за култура, Менче Караџоска изјави дека преку создавањето на овие дела уметниците од нашиот град го одбележале овој меѓународен ден кој е симбол за родовата еднаквост и потсетник дека борбата за рамноправност на половите продолжува секојдневно.

 

 

„Учествуваат симболично 8 уметнички од нашиот град, членки на друштвото на ликовни уметници на Прилеп и тие создаваат и ќе создадат 8 дела во акварел техника. Понатаму овие дела ќе бидат изложени во ликовната галерија во центарот за култура и ќе бидат достапни на јавноста. Обично на овој ден се подарува нешто. Овие наши уметнички го прават тоа денеска, подарувајќи ни талент, креативност, подарувајќи ни уметност. Ја користам оваа прилика јавно да им се заблагодарам што ја прифатија оваа покана да присуствуваат денеска овде, им го честитам празникот на жената, а воедно им го честитам и на сите мои сограѓанки празникот 8-ми март и сакам да им порачам дека на овој ден започнала борбата за правата на жената, меѓутоа ова за мене е само датум, датум за почеток. Рамноправноста се добива секој ден и во сите сфери на животот. Борбата се уште трае секој ден“, истакна Менче Караџоска, директорка на домот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

 

Претседателката на друштвото на ликовни уметници од Прилеп, Јасмина Руневска, истакна дека низ годините со оваа манифестациија се создале навистина уникатни и прекрасни дела кои ќе најдат свое место во галеријата на домот за култура.

 

„По 9-ти пат се одржува оваа манифестации, секоја година на истиот датум. Претставува прекрасен настан, бидејќи се собираме неколку членови од друштвото на ликовни уметници и сите твориме во техниката акварел, правиме брзи цртежи. Од годините наназад има навистина прекрасни дела сработени на овој ден и се надевам дека тие дела ќе најдат место во галеријата во наредниот период. Генерално во цел свет имаме проблеми со родовата еднаквост. Некои општества знаат тоа како подобро да го скријат, некои се полоши во прикривањето, но навистина јас можам лично за себе да зборувам како жена, на многу места сум се нашла во ситуација каде што не се чувствувам еднакво и навистина сакам да им порачам на сите жени да бидат повеќе гласни, затоа што нивниот глас вреди подеднакво како машкиот“, истакна Руневска.

 

На манифестацијата учествуваа уметниците : Анита Јовеска, Александра Богоеска, Емилија Ѓорѓиоска Димоска, Маја Најдоска, Викторија Димеска, Јасмина Руневска, Васе Боцеска и Верче Николоска.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien