Манчевски: Дигитализацијата ги брише родовите разлики и препознава само вештини

Дигитализацијата создава еднакви можности за сите без разлика на полот, бидејќи интернетот ги препознава само вештините, знаењата и способностите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на првата конференција „Дигиталната ера и жената“ која денеска се одржа во хотел „Мериот“.

 

„Ќе бидам искрен и ќе кажам дека се радувам и се гордеам што Меѓународниот ден на жената 8.Март, конечно и во Македонија почна да се одбележува преку  борбата за политичка, економска и социјална рамноправност помеѓу жените и мажите. Особено во сферата на информатичкото општество. Тоа што ние како поединци, како личности избрани од граѓаните, мораме да го направиме е секојдневно да дејствуваме против родовите стереотипи и да се трудиме да ги овозможиме сите потребни услови за еднакви можности за граѓаните“, рече Манчевски.

 

Главната тема на конференцијата беше улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.

 

„Друга придобивка на дигитализацијата е што создава огромна можност за економски развој. Таа носи развој, обединува луѓе и ги прави услугите побрзи, поевтини и поефикасни. Исто така овозможува надминување на родовите јазови“ рече Манчевски.

 

Министерот им порача на жените да продолжат со борбата за рамноправност и истакна дека во неговиот кабинет има шест жени кои се професионални и се најдобри во она што го работат.

 

Додаде дека во администрацијата многу малку жени се на раководните позиции, но Владата до 2020 година со законски измени, планира зголемување на бројот на жените во политиката до 50 проценти. Манчевски се придружи на повикот на еврокомесарката Мариа Габриел, дека нема да прифати учество на ниту една конференција, ако нема минимум една жена учесник.

 

 

„Како социјалдемократи се изборивме за 40% застапеност на жените во Собранието. Во програмата ветивме дека до 2020 година ќе воведеме паритет, односно најмалку 50% застапеност на жените во политиката. Се залагам за подобра застапеност на жените на високи позиции. Потврда тоа е и мојот кабинет, каде сите шест советнички се жени. Не заради тоа што се жени. Туку заради тоа што се врвни инжењерки, економистки, правнички, лингвистки, најдобри во она што го работат“, истакнува Манчевски.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien