Осмомартовски марш за женските права

Facebook
Twitter
Email
Print

Стоп за насилтвото и омразата врз жените, отфрлање на стереотипите во општеството- ова е пораката од вториот Осмомартовскиот марш во Скопје, организиран од страна на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

 

Платформата за родова еднаквост посочи дека 175 илјади жени немаат гинеколог во својата општина, 80 проценти од Ромките плаќаат за ехо прегледи кои треба да бидат бесплатни, а пристапот до абортус е ограничен.

 

„Сакаме да ја кренеме свеста и за разочарувачкиот број на жени на одлучувачки позиции, вклучувајќи ги министерските и градоначалничките позиции, иако истражувањата покажуваат дека жените се во најмала рака еднакво квалификувани како и мажите на овие позиции. Во 2018-та година сакаме гласно да го осудиме насилството врз жените, кое во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина нееднакво се осудува и казнува“, изјави Снежана Илиќ- организација „Реактор“.

 

Високи претставници на државниот врв предводени од премиерот Зоран Заев учествуваа на  маршот за правата на жените и еднаквост во општеството.

 

Премиерот Заев им даде поддршка на граѓанските организации и активисти за остварување на родова еднаквост и поголема застапеност на жените во сите општествени сфери. Покрај Заев, на маршот беа присутни и министерките Радмила Шеќеринска и Мила Царовска.

 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека само со силни, жени, жени со силни права, права кои ќе ги штити државата ќе можеме економски, социјално па и демографски да одиме напред.

 

„Како нова Влада, по однос на овие прашања покажавме дека водиме сосема различна политика. Денеска во македонското Собрание имаме околу 45% жени. Токму оваа Влада одлучи повторно да ги стартува родовите студии, затоа што сметаме дека родово освестени граѓани ќе направат силна, подобра држава и за мажите и за жените. Поради тоа Владата одлучи, министерството за образование да ги оцени учебниците и од аспект на родовите права“, изјави министерката Шекеринска на денешниот марш за правата на жените.

 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска го истакна присуството на претставници на Владата, премиерот Заев и министрите, како показател дека Владата не само декларативно, туку и на дело се залага, и со вистински чекори вложува во родовата рамноправност во Република Македонија.

 

„Наместо подароци и прослави, мислам дека денеска секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша што во минатата година направи за родовата еднаквост. И што ќе направи во наредната година за родовата рамноправност. Зашто само така ќе направиме едно општество кое што е инклузивно“, истакна Царовска.

 

И од Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетуваат дека текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на семејно насилство и со попреченост се најранлива група во нашето општество.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи