Улогата на жената во современото општество

Меѓународен ден на жената „8-ми Март“ ја означува борбата за целосна рамноправност на жените со мажите во општеството.Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус и нема политички конотации.

 

Сепак овој празник е повод, да се навратиме кон местото и улогата на жената во заедницата, во овие современи процеси на бришење на дискриминацијата на жената во однос на мажот, да ја покажеме и на ваков начин солидарноста, со цел враќање на достоинството и остварување на сите права и слободи.

 

Разговаравме со жени од нашата општина коишто освен обврските во семејството, улогата на мајка и сопруга, извршуваат и други општествени одговорни функции, работи од јавен интерес. Сите тие го отсликуваат местото, улогата, потребите на современата жена во нашата заедница во овој миг, во оваа сегашност.

 

„Не е едноставнода се спојат заедно професијата, улогата на сопруга, на мајка, граѓанин тое е едно комплексно прашање кое бара се вложи пред се труд, внимание и желба.Секоја професија е специфична за себе, без разлика на тоа дали, треба да ја обавува маж или жена. Со оглед на тоа дека живееме во едно стереотипно општество за поделбата на професиите на мажи и жени, тогаш мораме да прифатиме дека борбата за правата на жените за политичка, економска и социјална рамноправност со  мажите мора да ја носиме ние жените во прв ред“, вели Кети Смилеска, пратеничка во Собранието на Република Македонија.

 

„Жената пред сè треба да биде добар родител, партнер, успешен работник за да има своја кариера, а сето ова бара големи одрекувања, голем притисок со кој треба да се носи, за да го издржи секојдневието, кое е премногу долго, а некогаш е премногу кратко за да се постигне сето тоа“, вели Ксенија Иваноска козметичарка од Прилеп.

 

„Ниту во брак, ниту во семејството, а особено во општеството едни без други не можеме. Неможат жени без мажи, ниту мажи без жени. Дали се работи за домашни обврски, семејни обврски, општествени едни без други не можеме“, акцентира Габриела Николоска, раководител на подрачното одделение на Државен архив на РМ.

 

Денес во Прилеп не може да се заобиколи ни улогата на жената во граѓанскиот сектор. Неколку женски здруженија активно работат и го даваат својот придонес во заедницата на свој начин.

 

„Мојата организација е ‘Орхидеја’, каде членките ги вклучуваме во трибини на разни теми, значи дејствувам едукативно. Освен тоа се дружиме, овој аспект е многу битен за социјализација на жената домаќинка. Еднаш во неделата ни мерат притисок, значи се води грижа и за здравјето на жената во рамкитена организацијата“, вели Лилјана Петреска од НВО „Орхидеја“.

 

„Нашата организација е пренесување на традицијата на помладата генерација, низ готвење, рачни изработки, така ги вклучуваме и помладите. Ги каниме со нас да се дружат, да видат како работиме, што треба да направат“, вели Марија Димеска од НВО „Мајка Тадиција“.

 

„Имаат ли жените потреба од поголемо внимание?“ На ова прашање еве што изјавија нашите соговорнички:

 

„Го сакам градот, ги сакам граѓаните на Прилеп, сметам дека добро се живее во Прилеп, луѓето се комуникативни, сакаат да се дружат да им посветиш внимание. Но, сметам дека недостасува поголема почит од жена кон жена“ вели пратеничката Смилеска

 

„Со текот на времето ќе се покаже дека некој го бидува или не го бидува, без разлика дали бил маж или жена. По професија сум историчар на уметност,сакам изложби, театарски претстави, сакам кино, имаме се по малку во градот, но не доволно“, оценуваНиколоска, раководител на Државен архив.

 

„Мислам дека треба да има повеќе трибини поврзани со здравјето на жената, заштита при работата, многу малку се обрнува внимание и на традицијата, а таа претставува основна алатка за тоа како ние работиме, вели Лилјана Горгиоска од НВО „Преродба“.

 

Овие се само дел аспекти од животот и проблемите се соочува, но и потребите на современата жена во Прилеп. Теми кои остануваат за следна прилика.

 

На сите граѓанки, Општина Прилеп, им го честита Меѓународниот ден на жената, изразувајќи ја својата солидарност и поддршка за бришење на разликите, за да се постигне родова еднаквост, за да може жената да ги оствари сите права и слободи, денес во 21 век, кога Македонија забрзано чекори на патот кон Европската Унија!

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи