Селмани до Поповски: Врзете си ги кучињата пред да биде предоцна

Facebook
Twitter
Email
Print

Неколку десетици новинари денеска напладне излегоа на протест пред Владата за да побараат да се преземат мерки за заканите и навредите кои функционерот на ДУИ, Бекир Асани, му ги упати на претседателот на здружението на новинари, Насер Селмани.

 

Селмани порача дека новинарите постојано се изложени на закани и притисоци и се спроведува цензура по телевизиите.

 

„Не прифаќаме објаснување дека во Владата има добри и лоши дечки затоа што Владата е Влада на Македонија. Не прифаќаме во Македонија да постојат две влади. Ние даноци плаќаме на оваа Влада. Не е време Владата да пишува осуди, тоа не е доволно и оваа Влада има обврска да ги замолчи насилниците. Ако сега молчиме, ако моите колеги бидат замолчени, да знаете дека вие сте на ред, дека ќе дојдат утре по вас. Сакам да ве повикам да бидете будни затоа што еден режим што испративме и нема да дозволиме да се формира нов. Не им се плашам, не му се плашев на Никола Груевски кога неговите силеџии му се закануваа на моето семејство, не им се плашам на насилниците на ДУИ и на оние кои што молчат и седат во иста влада со нив“, рече Селмани.

 

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис изјави дека нападот врз Насер е напад на сите новинари и побара полициска заштита за него и пристапување на Обвинителството. Протестите беа во организација на ССНМ.

 

На почетокот на протестот пред владата дојдоа и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, одговорниот за прес-тимот на Владата, Зоран Бојаровски и владиниот портпарол, Миле Бошњаковски. Поповски пред собраните новинари рече дека Владата и сите партнери во владината коалиција изразуваат најостра осуда за сите напади врз новинари.
„Во име на Владата и на сите партнери во владината коалиција изразуваме најостра осуда за сите напади врз новинарите што се случуваат. Ве уверувам дека оваа Влада има нула толеранција за било какви закани, уцени и притисоци врз новинарите. Бидете уверени дека никој нема да биде заштитен“, рече Поповски.
На ова реагираше Селмани кој му порача на Поповски „да си ги врзат кучињата“.
„Очигледно вие не правите доволно тој човек да се смири, затоа ви кажувам – врзете ги кучињата! Тоа се ваши кучиња, тие луѓе се дел од вашата коалиција, нема оправдување за ова. Тие мора да бидат врзани да не касаат, затоа што кога ќе касаат ќе биде доцна“, потенцираше Селмани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи