Функцијата потпретседател на Влада не постои во правниот поредок на Република Македонија, велат од Уставниот суд. Поради тоа потпретседателите на Владата, Кочо Анѓушев, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Хазби Лика, ќе имаат пониски плати од наредниот месец.
Одлуката е донесена по поднесената иницијатива од партијата Левица пред Уставниот суд.
Платата на вицепремиерите во иднина ќе се пресметува по коефициент 3,70 од просечната плата, како што е случајот со останатите министри, наместо со коефициент 4,00 како што беше досега. Ова се должи на укинување на дел од членот 14 од Законот за плата и за другите надоместоци на пратениците.
„Со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци, се определува коефициентот за плата на потпреседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека ваквата законска регулатива е нејасна и неприменлива и не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, стои во одлуката на Уставниот суд.
Се претпоставува дека месечните примања на вицепремиерите ќе бидат намалени за околу седум илјади денари.