Во Романија, татковината на најславниот „жив мртовец“ на светот – грофот Дракула, доаѓањето на суд како доказ дека човекот е жив е оценет како недоволно убедлив.
Жител од источниот дел на земјата, 63-годишниот Константи Релиу, се уверил во ова минатата седмица кога судот во градот Васлуј го одбил неговото барање за поништување на посмртниот лист издаден во 2016 година на негово име, се гледа од пресудата објавена во петокот на интернет страницата на судот.
Релиу, кој на почетокот од 1990-те заминал на привремена работа во Турција, во јануари 2018 година се вратил во Романија. Таму властите го известиле дека семејството ги прогласило мртов, наводно загинал во земјотрес, бидејќи немало никакви вести за него, пишуваат локалните медиуми.
Тогаш морал да мине повеќе од шест часа испрашување на границата за да може да влезе во Романија, убедувајќи ги романските царински службеници дека е жив, изјавил за локалните медиуми. Тие му рекле дека мора да се шегува, бидејќи е прогласен за мртов. На крајот го пуштиле да ја мине границата откако му го мереле растојанието меѓу очите за да ја споредат со фотографијата во неговиот стар пасош.
Судот не ја образложува причината за одбивањето на барањето. Романските медиуми пишуваат дека причина за тоа е што барањето е поднесено по пропишаниот рок.
Враќањето меѓу „мртвите“ било извонредно тешко за овој шеесетгодишник, имајќи предвид дека не поседува официјален доказ дека е жив, тој не постои за романските управни власти, па не може легално да се вработи, ниту да прима социјална помош.
Константин Релиу, кој во Романија нема никого од семејството зашто сите заминале да работат во странство, преживува сега благодарејќи на помошта што му ја даваат соседите. Вели дека собира документи за повторно на суд да се обиде да докаже дека последните години е жив, и тоа без прекин.