Од партијата Левица сметаат дека донесувањето на Законот за употреба на јазиците го зголемува јазот меѓу македонската и албанската етничка заедница. Со овој закон, велат од таму, национализмот може само да се зголеми.
„Македонците и Албанците нема сега да се сакаат повеќе со законот за јазици. Видлива е омразата меѓу двете етнички заедници и истата се продлабочува. СДСМ и ДУИ имаат свои цели, односно ДУИ сака да се наметне како спасител кај Албанците и со тоа да ја врати довербата. СДСМ сака да добие албански гласачи, надополнувајќи ги македонските гласови кои ги изгубиле поради преговорите со Грција за името“, вели, Џејлан Велиу од Левица.
Од партијата додаваат дека се крајно загрижени од зголемениот јаз меѓу Македонците и Албанците, а кој, додаваат, е резултат на погрешното спроведувањето на владините мерки во унапредување на правата на користење на албанскиот јазик.
„Ние поддржуваме социјален бутн против недемократската и ненародна власт која го осиромашува обичниот народ, бил тој македонски или албански“, рече Здравко Савески.
Тој посочи дека со донесување на Законот за употреба на јазиците е прекршен Уставот, затоа што не е отворена амандманска расправа.
„Ги потсетуваме СДСМ дека се боревме против режимот за враќање на демократијата. Сега гледаме дека нив како и на ВМРО-ДПМНЕ законските и уставните норми им се празно слово на хартија во нивната желба да владеат и да го крадат овој народ“, рече Савески.
Во врска со протестите, кои изминативе денови се одржуваат пред домови на пратеници, каде пратениците се прогласуваат за предавници, од Левица велат дека станува збор злоупотреба на народот од страна на националистите.
„Секогаш правото на мирен протест е гарантирано право во Уставот, но треба да се внимава да не се премине границата на уставно регуларно право и законско регуларно право. Граѓаните имаат право да го изразат своето незадоволство, но при тоа не смеат да ја нарушуваат безбедноста, без разлика колку не се согласуваат со нивните ставови. Она што во овој момент го гледаме со овие протести е злоупотреба на народот од страна на националистите за да си ја унапредуваат својата агенда“, изјави Савески од Левица.