Организацијата „Македонија 2025“ денеска се претстави пред дел од прилепските бизнисмени, а целта на овој настан била запознавање на присутните да се запознаат со организацијата, со програмите и активностите што ги нудат и секако и самите тие да се вклучат во она што го работат и на тој начин сите заедно да изградат посилен економски, демократски и образовен развој на земјата.
„Имаме низа на едукативни програми на кои работиме во моментов. Во моментов ни се отворени три типа на програми. Тука е „Лидер“ проектот, кој трае до 10 април. Млади професионалци од бизнис сферата можат да аплицираат на овој повик. Тука е секако и летното бизнис патување за млади членови од дијаспората, кои што можат да дојдат во Македонија и да се запознаат со нашата земја и нашето културно богатство. И секако тука е онаа најнова едукативна програма, во соработка со канадската организација „Кесо“, за мали, микро и средни претпријатија, со која ќе можеме да ја зголемиме нивната стручност и бизнис знаења, преку доаѓање на советници од Канада во Македонија, кои тука ќе престојуваат од две недели до еден месец. Оваа програма ќе биде официјално лансирана на 17 април во Скопје“, вели Ема Јакимовска, „Македонија 2025“.
Инаку „Македонија 2025“ е невладина организација оформена од успешни и познати Македонци од дијаспората. Во одборот на директори има околу 15 успешни Македонци, но имаме исто така и одбор на експерти, одбор на амбасадори и на крај и одбор на вработени во 2025. Сè на се бројката на тие индивидуи е околу 500 лица кои се залагаат за образовен и економски развој на Македонија.
„Наши две основни цели се економскиот и образовниот развој во Република Македонија. Во однос на едукативниот развој, имаме програми кои што ги реализираме во текот на годината, програми чија цел на крајот на денот е да се доусовршат нашите претприемачи, менаџери и директори, со цел тие да можат да допрат и до надворешни пазари и да можат да ја развијат понатаму економијата во Република Македонија. Економската цел ја остваруваме преку нашите настани за вмрежување, кои ги имаме во западноевропските градови, но исто така и во Америка, Канада и Австралија. Исто така тука е и самитот кој што е една платформа преку која ние секоја година носиме 50 спикери од секаде во светот, имаме публика од околу 450 гости од РМ, со цел да се вмрежат, да воспостават контакти и да можат да ги пласираат своите производи и услуги на светските пазари“, рече Васе Ѓорѓиевска, „Македонија 2025“.
„Македонија 2025“ е оформена во 2007 година, во Америка и Канада, после тоа во 2011 во Република Македонија, за во 2015 година да постанеме главно седиште на организацијата.