СЈО ги сомничи Груевски и Ахмети за стопирање на пописот во 2011 година

Специјалното јавно обвинителство, во случајот под кодно име „Попис“, отвори истрага против лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за пропаднатиот попис во октомври 2011 година. Ова е првпат од основањето на СЈО предмет на истрага да биде висок функционер на најголемата албанска партија и тоа не било кој, туку токму лидерот Ахмети.

 

Како што рече на денешната прес конференција обвинителката, Фатимe Фетаи, лидерите се сомничат дека се договориле да го прекинат пописот бидејќи сметале оти резултатите од демографските факти нема да им одат во прилог, со што го оштетиле буџетот за за 2,8 милиони евра.

 

„Иако биле свесни дека ќе настапат штетни последици, лицата пристапиле кон спроведување на пописот. Кога виделе дека немаат капацитет да ги сокријат демографските факти за земјата, тие, со цел да избегнат одговорност, се договориле да претстават дека причините за стопирање на пописот се од техничка природа“, рече Фетаи.

 

По договорот да се стопира пописот, Владата до Собранието предложила да се укине законот за попис од 2011 и тоа било изгласано од страна на пратениците. Фетаи рече дека ако не бил прекинат пописот туку само се одложел, парите кои биле потрошени за обуки и материјали ќе се искористеле наместо да пропаднат и немало да се нанесе штета на буџетот од речиси 180 милиони денари.

 

Инаку, Специјалното јавно обвинителство денеска објави три нови истраги против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоуптореба на службена должност, измама и перење пари.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien