Коѕијас пристигнува во Скопје

Facebook
Twitter
Email
Print

Шефот на грчката дипломатија денеска попладне треба да слета на меѓународниот аеродром Скопје во прва посета на земјата, по преименувањето на аеродромот, што беше една од отстапките, кои македонската Влада ги направи во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името.

 

Коѕијас денеска треба да пристигне во земјава, а за утре, како што најави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров е предвидена богата агенда за грчкиот гостин.

 

Двајцата министри е планирано да разговараат за позициите на двете страни, откако и Грција и Македонија си ги разменија нацрт-договори за решавање на името, за кои Димитров рече дека се разликуваат еден од друг.

 

„Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме“, нагласи Димитров.

 

Достоинствено решение за името, со почитување на идентитетот, без промени на Уставот е нешто што го бара македонската страна.

 

Премиерот Зоран Заев, потврдувајќи го пристигнувањето на грчката нацрт-спогодба во Македонија, нагласи оти тие се алатки, што можат да бидат од помош во процесот на преговори, но клучен елемент е нацрт-драфт-меѓународен договор што треба да дојде од медијаторот на ОН во спорот Метју Нимиц.

 

Заев посочи дека во македонската нацрт-спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви меѓународни договори затоа што формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите и слично, се уште се на маса за преговори. Тие се ставени во разни форми, како што се ставени и од грчка страна.

 

Димитров и Коѕијас на 30 март во Виена ќе имаат нова средба со посредникот на ОН во преговорите за името Метју Нимиц.

 

Според грчките медиуми по доставените предлози од двете страни преговорите влегуваат во клучна фаза.

 

Весникот „Катимерини“, анализира дека позициите на Атина во грчката нацрт спогодба се горе-долу познати и вклучуваат седум точки, а за три од нив постои договор, „за името (веројатно „Горна Македонија“), за акронимите и за иредентистичките наводи“.

 

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува Грција очекува на следната средба на шефовите на дипломатиите со Нимиц, во Виена, да се извршат притисоци.

 

„Грчката Влада ја задржува надежта дека тогаш ќе ги се извршат долго очекуваните притисоци како од Европската унија и Ангела Меркел, така и од Обединетите нации преку Метју Нимиц, што веќе долго време и беа ветени на Атина“, пишува „Прото тема“.

 

Спорот за името била една од темите за кои разговараа завчера грчкиот премиер Алексис Ципрас и коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос. Министерот за одбрана по средбата рече дека ставот на Независни Грци, против употребата на терминот Македонија, е непроменет и додаде дека сега топката е на македонска страна.

 

Претседателот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис упати остри критики до актуелната грчка Влада, за политиката што ја води во однос на спорот за името.

 

„Во прашањето со Скопје, Владата потсетува на Вавилонска кула. Прашањето со ревизија на Уставот на соседната земја, го поставивме уште од прв момент како услов што не може да се прекрши за да продолжиме кон било кој друг разговор“, вели тој и додава дека е премногу доцна за формирање национален фронт кога самата влада не може да формулира национална линија за еден толку критичен национален проблем.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи