ВИДЕО – Генерален штрајк во „Еурокомпозит“, директорите го избркале од работа целиот синдикат

Вработените од прилепски „Еурокомпозит“ денеска стапија во генерален штрајк поради тоа што раководството на оваа државна компанијата вчера на 10 членови на синдикалниот одбор им поделило отказни решенија без никакво објаснување. Инаку денеска изминаа 48-те часа кои вработените и ги дадоа на Владата за да го разреши менаџерскиот тим, бидејќи се сомневаат дека директорите имаат украдено пари од фирмата. Вработените порачаа дека се додека не бидат сменети директорите „Еурокомпозит“ нема да работи.

 

 

„Откако директорите разбраа дека подготвуваме генерален штрајк во истиот момент тие почнаа да ни пишуваат отказни решенија и суспензии. Ги напишаа тие решенија, си заминаа од фабрикава и со големо обезбедување им наредија на правниците да ни ги поделат нас тие решенија. Се случи вчера еден немил настан, се собра голема група на народ, изреволтиран и решивме од денеска да ја затвориме капијава и да не влегуваме повеќе во фабрикава сè додека се овие директори на функција. Значи Владата нека си одлучи, или нека работи со овие директори и сама фабрика, или сите овие луѓе ќе работиме без тие директори. Значи конкретно бараме во секој момент да ги сменат директорите ако сакаат ние да продолжиме да работиме. Ако не ние и понатаму продолжуваме, излегуваме со блокирање на патишта и повторно одење во Скопје пред Влада. Вчера исто така имаше закани кон вработените да се вратат на своите работни места. Директорот им се јавил и им кажал дека не ја почитуваат нашата одлука и нас како синдикат. Дека синдикатот е невалиден и да продолжат да работат, ако сакаат да не ги снајде истото што го снајде синдикатот. Владава ако мисли да го реши нашиот проблем на ваков начин, со отказни решенија, како што кажаа дека квалитетно ќе го решат проблемот во Еурокомпозит, ова ако е квалитетната работа… нека продолжат и понатаму така“, истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикален одбор.

 

Синдикатот вели дека причина за отказите било тоа што излегувале на прес конференции и организирале протести.

 

„Вчера после оваа ситуација, се јавивме во кабинетот на господинот Анѓушев, разговаравме со секретарката Софче. Ја кажавме состојбата и таа не советува да не излегуваме по улици, да не штрајкуваме, ако треба директорот нема да дојде на работа, но ние да продолжиме да работиме. Значи тие немаат план да го сменат директорот, сакаат само да го заштитат да не иди на работа, а ние да работиме“, додаде Богданоски,.

 

Вработените велат дека ова е преседан и дека повеќе нема да попуштат со своите барања.

 

„Ова е најголем преседан кон синдикатот што се случува. Најголем преседан во државата, да синдикатот да добива отказни решенија. Ова во ваква правна држава, како што ја декларираме нашава, и ова да ни се случи… нагласувам повеќе пати ова е најголем преседан, ова не смее да се случи“, вели Илија Талески, вработен во „Еурокомпозит“.

 

„На крајот на јануари имавме договор со него да ни исплати плата. Не исплати и моравме да прогласиме штрајк. Сега се случува истото, како тој намерно да врши притисок врз нас да носиме одлуки за штрајк. Ќе штрајкуваме, што ни остануваме друго освен да блокираме улици и да одиме Скопје. Што можеме да правиме со неисплатени 15-16 плати, со 6 години неплатени доприноси… што можеме да правиме. Да работиме за без пари? Баравме бруто плата, каде е таа бруто плата? За 6 месеци се согласивме да се решава во пакет, ништо нема од тоа. Овие се пакетите, со отказни решенија“, истакна Трајко Илиоски, вработен во „Еурокомпозит“.

 

Велат дека секоја Влада во Македонија го имала истиот однос кон нив, а овие откази ја прелеале чашата.

 

„ До овој револт дојде, вие знаете повеќе кога бевте на прес конференција кај директорот, дека ние за тоа што не сме работеле, не ни следувале пари, плата, и заради тоа настана тој револт. А дали откако тој е дојден има донесено работа за 1 денар во фабрикава? Иуште се заканува дека не ни следуваат плати. А колку има земено, тоа е друго прашање. Нека каже дека има донесено барем еден денар работа. А колку има изнесено само тој знае. И револтот, тие свесно го прават револтот, за да испадни вината кај вработените, дека ние вработените, како што не нарече претходно господинот Додовски, сме вагабонти, неработници. Испаѓа дека тоа си продолжува во континуитет, неработници и вагабонти. И оваа Влада истото го прифаќа, секоја Влада продолжува со истата песна, а ние сме секогаш оштетени“, рече Борко Томески, вработен во „Еурокомпозит“.

 

Доколку не се реши проблемот од понеделник најавуваат нови блокади на патиштата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи