Општина Прилеп се вклучува со своите активности во одбележувањето на часот на планетата Земја. По тој повод утре напладне во 12 часот ќе бидат засадени 20 садници во месноста Песјобрдце, на патот кон манастирот Трескавец и тоа место ќе го носи името „Парк на планетата Земја“.
„Екипи од Општина Прилеп, јавните претпријатија од градот, Црвениот крст и граѓаните на нашиот град ќе засадат млади дрвја на оваа локација, што мислам дека низ годините ќе прерасне во шума. Ова е една од мерките со кои испраќаме еколошка порака за зголемување на зелените површини во урбаните средини и за намалување на загаденоста на воздухот во нашиот град. Вечерта во 19:30 пред реклами започнува ноќната трка низ улиците на Прилеп, во должина од 5 километри. Пријавени се преку 100 учесници, а за најдобрите во машка и женска конкуренција ќе бидат доделени дипломи и пристојни награди. Во 20:30 во Паркот на револуцијата ќе бидат исклучени светилките, со што симболично ќе го означиме часот на планетата Земја, со порака за заштеда на електрична енергија. Млади од прилепската организација на Црвениот крст ќе запалат свеќи, означувајќи го бројот 60+, со истата порака за штедење на електричната енергија“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Од Општина Прилеп апелираат до граѓаните во овој час, од 20:30 до 21:30, што повеќе да ја штедат електричната енергија во домаќинствата. Во состав на одбележувањето на часот на планетата Земја ќе се одрќи ии ноќна трка во должина од 5 км. низ улициите во центарот на градот.
„Оваа трка е во должина од 5 километри. Старт и финиш ќе биде на реклами. Трката се одвива во два круга од 2.5 километри. Се трга од реклами према хотел Липа, кај хотел Липа се врти лево се до стоковната куќа кај Симпо, потоа пак вртиме лево покрај градската река се до мостот Табана. Кај мостот Табана повторно вртиме лево се до центар. Тие се два круга од 2.5 километри. Имаме пријавено преку 100 натпреварувачи и радува фактот што оваа трка ја испочитуваа двајцата најдобри атлетичари од Македонија. Првата е Милена Чкрипеска, рекордерка на 10 км, вицешампион на полумаратон и трета на ранг листа во Македонија за маратон, како и најновото откритие во македонската атлетика, Дарио Јованоски, кој сега беше во Бирмингем и оствари најдобар резултат на 3.000 метри во сала. Исто така нема да ги заборавиме нашите прилепски надежи, атлетичарот Леонид Вандески и Марга Бојаџиева, кои ќе приредат силна конкуренција на оваа трка“, истакна Марко Иваноски, организатор на трката.
Часот на планетата Земја е едно глобално еколошко движење, кое е формирано од Светскиот фонд за заштита на природата и е поддржано од Обединетите Нации. Се одржува во 170 земји, меѓу кои и Македонија.
„Македонија се вклучува по 9-ти пат активно заедно со волонтерите од Црвениот крст, за кои ова преставува еден креативен начин за подигање на еколошката свест кај граѓаните. Оваа година волонтерите ќе бидат вклучени на два настани, односно дневен настан на кој ќе бидат засадени дрвца и вечерен настан на кој еден час ќе бидат исклучени светлата, а волонтерите ќе го формираат знакот 60+ со свеќички“, додаде Катерина Божиноска, Црвен крст Прилеп.