„Локвенец и Кети – мртви сте ВМРО“ ова е натписот кој најверојатно синоќа бил напишан на канцеларијата за контакти со граѓани од пратениците на СДСМ во Прилеп. Случајот е пријавен во полиција и е направен записник.
„Овој натпис како што гледате е потпишан од ВМРО-ДПМНЕ. Најверојатно е направен синоќа. За мене ова е уште еден чекор на безумие на ВМРО-ДПМНЕ, после оние неколку дневни напади на пратениците и протести пред нивните домови. Исто така е и еден вандалски чин бидејќи да осудуваш на смрт луѓе кои се избрани од народот на регуларни избори е навистина грозно. Имам и една порака бидејќи се потпишани како ВМРО-ДПМНЕ, дека ова не е време на ќосињата туку време на демократија, а Хари Локвенец и Кети Смилеска се дел од тимот кој упорно работат на тоа. Инаку оваа канцеларија постои 12 години и досега вакво нешто се нема случено, а низ неа поминале огромен број на луѓе“, Златка Пурковиќ, асистент на пратениците Хари Локвенец и Кети Смилеска.
Претседателот пак на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески, демантира дека тие како партија стојат за овие графити.
„Најостро демантирам дека ние како партија стоиме зад испишувањето на вакви графити на канцеларијата за контакти со граѓани од пратениците на СДСМ во Прилеп. Го осудуваме овој чин и повикуваме сторителите да бидат откриени од страна на надлежните органи. Уште еднаш после палењето на мојата викендица повикувам на смирување на страстите, ова не води вака никаде. Политиката е натпревар на идеи и програми, а не насилие, но морам сепак да ги повикам пратениците од власта да размислат какви закони носат и во што ја втурнуваат Македонија“, вели претседателот на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески.