ВИДЕО – Дискриминација, неможност за вработување и недоволно лекови – главни проблеми на лицата со епилепсија

Дискриминација, немање можност за вработување и мали квоти на лековите кои се на позитивна листа. Ова се само дел од поголемите проблеми се кои се соочуваат околу 25.000 лица со епилепсија во Македонија. Во Општина Прилеп нивниот број се движи околу 1.000. Паце Кавкалеска која боледува од епилепсија живее само со 2.800 денари социјална помош. За неа вели дека најголем проблем се скапите лекови кои ги нема во аптеките и немањето на доволно средства за егзистенција.

 

 

„Наместо да биде зголемена квотата за лековите, таа е намалена. А секогаш треба да има во изобилие лекови, да нема недостиг на тие лекови, без разлика за кој лек се работи. Дали ревитрацетан или кармовазепин или било кој друг лек за епилепсија, само тие што се соочуваат си знаат како им е на душата и на каков начин доаѓаат до сите тие потврди кои треба да ги собираат лично од аптеките, па да ги достават во Фондот за здравство, па по којзнае колку време да им ги рефундира Фондот за здравство. Ова е преголем срам за здравството и за Фондот за здравство. Бараме да се среди здравствениот систем како што треба. Јас за мене барам и парче леб, за да може човек да си ги снабди редовните лекови. Ништо друго. Без работа нема ни парче леб ни својот лек не може редовно да си го набавува“, вели Кавкалеска.

 

Денеска во Прилеп здружението „Епилепсија Македонија“ го одбележа 26 март светскиот ден на лицата со епилепсија илии уште познат и како виолетов ден. Тие бараат измена на законот за инвалидни лица, затоа што велат дека најголем дел од овие луѓе не се лица со хендикеп и така и требало да бидат прифатени.

 

„Пред сè најголем проблем е големата стигма и дискриминацијата. Можам да кажам дека ова е повеќе социјален, отколку медицински проблем, заради тое што медицината е напредна така да кај поголем дел, односно 80% од лицата епилепсијата може да биде ставена под контрола, или па дури и да се излекува. Но фактот дека дискриминирани се овие лица, не се кажуваат јавно, па дури и излекуваните лица. Ние имаме лица кои што имале во детството епилепсија, сега се нормални, здрави луѓе, водат нормален активен живот, но за жал ете не сакаат јавно да проговорат. Токму поради таа стигма не можат да се вработат, не можат да основаат семејство, имаме случаи на распадните врски, распадни бракови токму поради појавата на епилепсија кај еден од брачните другари. Години наназад се соочуваат овие лица со тој проблем. Институциите делумно ги прифаќаат, но во голема мера не, затоа што и самите работодавачи не ги прифаќаат овие лица и не можат да остварат основно егзистенцијално право. Од друга страна пак, државата не ги згрижува по основ лица со хендикеп и тука е тој јаз, се јавува една дилема дали лицата се или не се хендикепирани. И ние како организација се залагаме дека овие лица не се хендикепирани, односно дека можат да бидат продуктивни и самите лица се чуствуваат така и така треба да бидат прифатени“, вели Дејан Дејан Бунески, претседател на здружение „Епилепсија Македониија“.

 

Од Општина Прилеп, која го поддржа настанот рекоа дека во иднина на секаков можен начин ќе ги поддржуваче овие лица.

 

„ Јас како градоначалник и Општина Прилеп даваме максимална поддршка на сето ова што го прави ова здружение. Сакаме системот да биде успешен со тоа што тие ќе се вклопат во нашиот систем. Мораме да ја подобриме инклузивноста на овие луѓе, вклопувањето во сите пори на нашиот систем. Исто така треба да ја стопираме дискриминацијата, што некогаш многу често се врши врз овие луѓе. Понатаму се надевам дека и државата и ние како општина ќе се залагаме да се реши социјалниот статус на овие лица и мислам дека во иднина треба како општество да се залагаме овие лица да се вклопат во нашиот систем и да нема никаква дискриминација. Јас секогаш ги поддржувам овие лица затоа што се вистински исти и не се различни од другите и никогаш не смееме да дозволиме и понатаму да биде така“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

На светско ниво бројката на лица заболени од епилепсија е околу 65 милиони луѓе.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи