Домашните воздухопловни институции се подготвуваат за исполнување на обврските што Македонија како и останатите членки на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКОА) треба да ги исполнат за примена на Системот за пренамена и намалување на јаглеродот за меѓународното воздухопловство КОРСИА од почетокот на следната година.
Над Македонија годишно има над 300.000 летови, а количината на емисијата на јаглерод од нив е дел од темите на тридневната работилница, што се одржува во Скопје во организација на ИКАО и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).
Над 100 претставници од воздухопловната област од Европа на работилницата се обучуваат како се подготвуваат извештаите за емисијата на гасови што треба да ги испраќаат до светската организација. Одговорностите се поголеми за државите што имаат своја авиокомпанија, што не е случај со Македонија, но и покрај тоа АЦВ и Давателот на услуги М-НАВ треба да имаат знаење за пријавување на сите емисии кои се случуваат при прелетите врз македонската територија.
Според директорот на АЦВ Горан Јандреоски, формулата за утврдување на емисијата на јаглерод е комплексна со оглед дека ги опфаќа воздухопловите и од цивилната и од воената авијација.
„Над македонската територија на годишно ниво има повеќе од 300.000 летови и се знае кои се типовите на авиони. Станува збор за постапка во која авиокомпаниите ќе бидат под голем предизвик и притисок бидејќи ќе мора да постигнат одреден таргет што ќе биде зададен од индустријата и со тоа ќе треба да работат на подобрување на своите флоти, на нивните мотори за намалена емисија, а со тоа ќе се зголеми просторот за истражување на сите производители на воздухоплови и на мотори“, изјави Јандреоски, укажувајќи дека новиот систем нема да биде на сметка на патниците, туку на индустриите кои се директно вклучени во авиосообраќајот.
Генералниот директор за транспорт во Европската комисија Хенрик Халоуеј укажа на важноста и на предностите и одговроностите од развојот на авиосообраќајот и поврзувањето со европскиот пазар за цивилно воздухопловство од кој е дел и Македонија.
„Имаме и голема одговорност бидејќи од милијарда патници што користеле воздушен транспорт лани 26 проценти се од Европа и затоа треба да бидеме многу претпазливии за предизвиците на животната средина“, рече Халоуеј.
Тој нагласи дека би сакал да види уште поголема поврзаност на регионот, посочувајќи дека цените на билетите се намалени за 70 проценти откако Западен Балкан стана дел од европската област за цивилно воздухопловство.
Со Одлуката на Генералното Собрание на ИКАО за систем за намалување на емисиите на издувни гасови државите членки се обврзаа дека по 2020 година ќе нема зголемување на ваквите емисии.
„Со овој успех доаѓа и одговорност и сега треба да им дадеме поддршка на земјите членки заради што и ги обучуваме“, изјави Џејн Хјуп, заменик-директор на Бирото за животна среидна на ИКАО.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, Македонија и натаму останува стратешки партнер во делот на креирање услови за еко одржлив развој, почитувајќи ги сите правила и прописи на светските и европските воздухополвни власти. Во таа насока, како што рече, ќе биде и создавањето услови за работењето на нискобуџетните авиокомпании за што ќе биде објавен повик следниот месец. Постапката ќе биде максимално транспарентна, а со владината програма за државна помош фокусот е на повеќе евтини летови од Охридскиот аеродром