Клучниот сведок во случајот „Поткуп“, кој се води против премиерот Зоран Заев за барање поткуп, остана на својот првичен став дека Заев како градоначалник на Струмица му барал 300.000 евра, односно по едно евро лично за него, едно евро за СДСМ и едно евро за изградба на црквата, доколку сака да откупи земјиште од 100.000 метри квадратни.
Николов пред судот рече дека при средбата со Заев во времето кога бил градончалник му кажал дека сумата кој ја бара е голема и дека ќе треба да размисли или да земе кредит.
„Заев знаеше дека имам потреба од градежно земjиште. На 8 ноември 2013 во доцните часови ми се јави на телефон и ме повика за 15 минути да сум во неговиот кабинет. Ми кажа дека морам за секој квадрат да платам 70 денари и плус едно евро за него, едно евро за изградба на црква и едно евро за партијата. Му реков дека се тоа многу пари и дека тоа ќе ме кошта околу 300.000 евра“, рече сведокот Николов.
По ова Николов појасни дека Заев по некое време одлучил да го тргне тоа евро за партијата и да останат само 200.000 евра кои му ги побарал.
Од тогаш до летото 2014 имале повеќе средби и телефонски разговори.
Во декември истата година сведокот Николов рече дека се одлучил случајот да го пријави во МВР по што бил повикан да даде исказ во Обвинителството, а МВР му дале опрема за да ги направи снимките во кабинетот на Заев, а кои сега се клучен доказ во процесот против Зоран Заев.
„Градоначалникот Заев ги знаеше сите детални планови и знаеше дека јас имам интерес да откупам земјиште. Со син ми зборевме наместо пари од едно евро за црквата да дадеме градежен материјал за изградба но Заев не дозволи. Скоро на секоја средба ми поставуваше услов. Пред син ми немаше кажано дека бара поткуп, тоа го збореше само кога бевме јас и тој сами. Од градоначалникот од Митровден 2013 па натаму ми беа барани парите“, сведочеше Николов во судница.
Според исказот на сведокот во судница Заев му рекол дека парите ќе треба да му ги даде на неговиот брат Вицето.
Слушањето на целата снимка, како што бараше одбраната на Заев, а судечкиот судија прифати, е одложено за друг ден.