Тевдовски предлага данок од 18 отсто за приход над 1000 евра

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерот за финансии Драган Тевдовски изјави денеска дека од април ќе започне дебатата за воведување прогресивно оданочување со кое се предвидува за секој приход остварен над границата од илјада евра да се плаќа данок од 18 проценти. Според Тевдовски, приход од над илјада евра во Македонија остваруваат околу два отсто од граѓаните.

 

Тој на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“ посочи дека данокот на доход на приход до илјада евра ќе остане ист, односно 10 отсто.

 

„Тоа е границата која треба да биде поставена за дополнитена стапка. Таа стапка сигурно нема да удри по средната класа. Луѓето кои имаат доход повисок од овој се приходи кој во голем дел не се од труд, туку од капитал“, рече Тевдовски додавајќи дека станува збор за став на Министерството за финансии и дека како драфт верзија наскоро ќе биде објавено за јавноста да го каже своето мислење.

 

Тевдовски промената на даночната политика ја оправда посочувајќи дека приходната страна на буџетот е најмала во Македонија и во Косово од регионот. Тој додаде дека во Македонија има простор да се преземат мерки за приходната страна и потсети дека Албанија ја зголеми даночната стапка за 13% и 23%.

 

„Во Македонија имаме висока нееднаквост. Планот е со оваа блага и умерена реформа да го таргетираме тоа. Според сите учебници, даноците треба да постигнат баланс меѓу нееднаквостите“, рече Тевдовски

 

Како што рече тој во план е праведното оданочување да стартува од 2019 година, но претходно ќе се спроведе сеопфатна анализа и јавна дебата за да се слушнат мислењата на јавноста.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи