Москва нема да брза со одлуката за одговорот и контрамерките што ќе ги преземе кон Македонија во однос на протерувањето на рускиот дипломат, но таков чекор дефинитивно ќе има, изјави денеска амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Олег Шчербак на прес-конференција во хотелот „Амбасадор“.
„Руската Федерација е постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и одговорна членка на меѓународната заедница и многу одговорно се однесува кон своите меѓународни обврски. Нашата земја има многу стари традиции во дипломатијата и немаме традиција да се брзаме во носењето на нашите одлуки. Во дипломатската праска протерувањето на дипломат претставува многу остар и непријателски чекор и во свое време ние ќе вратиме со наш одговор. Но, овој одговор ќе биде адекватен и многу добро промислен од сите страни, изјави Шчербак“, одговарајќи на новинарски прашања.
Амбасадорот одлуката на македонските власти за протерување на рускиот дипломат ја оцени како неоснован и избрзан чекор, кој пред се, бил направен во консулатција со партнерите од Европската Унија и од НАТО.
„Мислам дека во овој случај станува збор за политичка нарачка за да се обезбеди учество на Македонија во колективната одлука на ЕУ и НАТО во знак на солидарност во случајот во Солзбери. Што се однесува до изјавите што беа дадени подоцна, македонската страна не ни обезбеди никакви докази дека дипломатот што се протерува се занимавал со одредени активности што излегуваат од дипломатскиот статус. Одлуката на македонските власти да го протера дипломатот кај нас предизвика чувство на длабоко жалење. Оваа одлука има неоснован карактер и е без преседан за целата историја на билатералните односи меѓу Русија и Македонија. Претпоставувам дека Скопје одлучи да го преземе овој непријателски чекор под влијание однадвор, но самиот овој чекор не ја ослободува земјата од последици поради овој чекор“, рече рускиот амбасадор, додавајќи дека станува збор за избрзана и кусогледа одлука, која, како што рече, се коси со повеќе пати декларираните ставови на раководството на земјава за развој на односите со Русија.
Во однос на изјавата на заминик-министерот на руското МНР на средбата со македонскиот амбасадор во Москва, дека ќе има последици по безбедноста во регионот доколку Македонија влезе во НАТО, Шчербак вели дека во таа изјава нема никакви закани кон Македонија и дека во овој став нема ништо ново.
„Беше изразена нашата загриженост од плановите за влез на Македонија во НАТО. Јас повеќе пати го изнесував овој став на средбите со македонските колеги. Поради тоа сите обиди нашата загриженост и забелешки да се толкуваат како закана се потполно пропагандистички и лажна“, изјави Шчербак.
Во подолгото образложение на ваквиот став на Москва, амбасадорот рече дека НАТО претставува единствен воено-политички блок, рудимент на студената војна, кој се крие зад паролите на меѓународната солидарност, и е алијанса која е виновна за започнување на многу агресивни војни. Во овој контекст, Шчербак ги спомена Југославија, Ирак, Сирија, Авганистан, Јемен.
„Во своите воени доктрини лидерот на НАТО, Соединетите Американски Држави и официјално ја прогласија Русија за свој непријател. Од својата страна, вие како одговорни граѓани на вашата земја треба да размислите дека по зачленувањето во НАТО, земјата ќе стане дел од машинеријата на НАТО и доколку дојде до судир меѓу Русија и НАТО и вие ќе ја имате улогата на легитимна мета. Спротивно на пропагандата, членството во НАТО нема да и обезбеди просперитет на вашата земја, ниту ќе го зацврсти територијалниот интегритет“, изјави амбасадорот на Руската Федерација во земјава.
Тој додаде дека Македонија е веќе опкружена со земји-членки на НАТО, и нејзиниот воздушен простор и границите одамна се под контрола на силите на НАТО.
„Кој во такви услови може да ја нападне Македонија? Освен самата НАТО-Алијанса или вонземјани“, рече Шчербак, повторно нагласувајќи дека од безбедносен аспект Македонија ништо нема да добие од членството во НАТО, а само ќе и се нанесе штета на регионалната безбедност и на довербата.
Рускиот амбасадор истакна дека за Москва Македонија е суверена земја и тие немаат намера да наметнуваат ставови со кого земјава треба да биде пријател и да соработува.
„Но, сметаме дека имаме човечки долг да објасниме дека таквата одлука за зачленување во агресивен политички блок треба да се донесе по длабоко размислување за последиците од таквата одлука. Ваквите одлуки не треба да се донесуваат избрзано, со водење сметка за интересите на својот народ“, рече Шчербак, додавајќи дека за таквите суштински прашања се одржува референдум.
Прашан дали во Москва има разочарување по коментарот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски дека Москва не е партнер за ВМРИО-ДПМНЕ, за разлика од Лондон, Брисел и Вашингтон, Шчербак изјави дека ваквиот став ја изразува недоследната политика што ја спроведува дел од раководството на оваа партија.
„Ова доведе и до тоа ВМРО да ја изгуби власта“, истакна Шчербак.
Околу самиот случај со труњето на рускиот агент и на неговата ќерка, Сергеј и Јулија Скрипал во Солзбери, рускиот амбасадор ги отфрли како неосновани обвинувањата на Лондон дека Москва стои за да случајот, кои, како што рече, се содржани и во колумната на амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет, објавена во „Независен весник“.
„За жал британските власти, спротивно на меѓународното право, етиката и здравиот разум одбиваат соработка со Русија во истрагата на случајот и водат силна кампања против Москва. Од јавноста се кријат податоци дека во овој реон, во чија близина има база, пред труењето на руските државјани се одржуваа обуки под називот „Токсична кама“ на која се важбаа методи за одбрана од такво хемиско вооружување. Комплексна анализа на сите овие околности сведочи за незаинтересираноста на Велика Британија да се откријат сторителите и за можно учество во злосторството на безбедносните служби на Велика Британија“, изјави Шчербак.
Доколку на руската страна, нагласи амбасадорот, не и бидат обезбедени цврсти докази, Москва тоа ќе го смета како атентат на нејзини сограѓани.
Инаку, денешната прес-конференција на Шчербак почна со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите во пожарот во рускиот град Кемерово, во кој загинаа над 60 лица, меѓу кои и голем број деца.
По тој повод денеска во Амбасадата на Руската Федерација беше отворена книга на жалост, а за следната недела, односно на деветиот ден од смртта на настраданите планирано е да се одржи молебден во црквата „Архангел Михаил“ во Автокоманда.
Извор: Нова ТВ