Македонија има речиси 140.000 вработени во јавниот сектор

Facebook
Twitter
Email
Print

Во државната администрација, во локалната самоуправа, во јавните претпријатија, во акционерските друштва во државна сопственост вкупно се евидентирани 139.009 вработени во 1,304 институции, изјави денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, презентирајќи го Годишниот извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор.

 

Вкрстената анализа на министерството на Манчевски, Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување покажува дека јавниот сектор на Република Македонија има 1.299 институции, во кои работен однос имаат засновано 128.722 лица. Во Акционерските друштва со 100% државна сопственост има 8.633 вработени, а преку Агенциите за привремени вработувања уште 30 лица.

 

„Преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор работно ангажирани се вкупно 1.624 лица и тие немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во анализите во овој извештај“, истакна Манчевски.

 

Во поглед на половата застапеност, во јавниот сектор 54 отсто се жени, а 46 отсто се мажи. Според етничката припадност, Македонци има 75,36 отсто, Албанци 19,31, Турци 1,84, Роми 1,14, Срби 0,91 и Бошњаци 0,39.

 

Најголем дел од вработените во јавниот сектор се помеѓу 46 и 55 години, па потоа следуваат вработени од 36 до 46 години и најстарите од 46 до 64 години, а просечната возраст на вработените во државните институции е 45,85 години.

 

Во јавниот сектор најмалку вработени се со докторат, околу 1,89 отсто од вработените, со високо образование се 42,45 отсто, со средно се 34,81 отсто, а магистри се 4,45 отсто од вработените.

 

Манчевски најави и дека во мај и јуни треба да почне создавањето на Централниот регистар на население, кој би профункционирал до крајот на годината.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи