ВИДЕО – Зголемен бројот на деца кои имаат тешки нарушувања во говорно јазичниот развој

Во последните неколку години енормно е зголемен бројот на деца кои имаат тешки нарушувања во говорно јазичниот развој. Според дефектолозите главен виновник за ова е модерниот начин на живот, каде децата слободното време наместо во игра и дружење го поминуваат единствено пред комјутер, на мобилен телефон или во гледање на телевизија. Исто така причина за проблемите во говорот било тоа што некои родители на децата наместо тврда им давале блендирана храна.

 

 

„Поради намаленото движење на децата центрите во мозокот се помалку се развиваат, а тоа придонесува и за проблемите во говорот, бидејќи движењето е најмногу поврзано со говорот. Се случува родителите и до 3-тата или 4-тата година од детето да му даваат блендирана или мека храна со што не доаѓа до развивање на вилицата“, истакна М-р Гордана Иваноска, дефектолог во градинката „Наша Иднина“ од Прилеп.

 

Токму поради проблемите од ваков карактер Катерина Иваноска Вангелова во соработка со Татјана Петреска, дипломиран логопед во здравствен дом Прилеп ја изработија првата логопедска сликовница во Македонија.

 

„Советите кои следат во самата сликовница ќе ги читаат родителите, а сликите ќе ги гледаат децата, на тој начин ќе се потсетиме на тие игри кои сме ги заборавиле, а во овој случај логопедските“, изјави Катерина Иваноска Вангелова, родител и автор на сликовницата.

 

 

 

Логопедската сликовница ја има во 4 изданија на 80 колоритни страници, каде има детски текстови и стручни совети, се со цел тоа да биде подостапно за родителите.

 

„На правилен начин ќе се стимулира говорот на децата во секојдневните ситуации, во секојдневните игри со децата и сето тоа да му биде подостапно на родителите за да знаат како да постапуваат“, додаде  Татјана Петреска, дипломиран логопед во здравствен дом Прилеп и автор на сликовницата.

 

Катерина Иваноска Вангелова вели дека има подготвено уште 15 наслови за вакви сликовници и се надева дека и тие наскоро ќе бидат испечатени доколку постои интерес.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи