Сергеј Скрипаљ повеќе не е во критична состојба

Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ повеќе не е во критична состојба откако беше отруен со нервен агенс, велат лекарите.

 

Персоналот во болницата во Солзбери рече дека Скрипаљ добро реагира на третманот и „брзо заздравува“.

 

„Минатиот четврток информирав дека состојбата на Јулија Скрипаљ се подобри и стана стабилна. Како што вели самата Јулија, нејзината сила расте секојдневно и таа едвај го чека денот кога ќе биде доволно добро за да ја напушти болницата. Секоја шпекулација за тоа кога ќе биде тој датум е токму тоа – шпекулација. Во меѓувреме, Јулија побара приватност додека продолжува да заздравува – нешто што јас ги повикувам медиумите да го почитуваат. Исто така, сакам да ве информирам за состојбата на нејзиниот татко Сергеј Скрипаљ. Тој добро реагира на третманот, брзо заздравува и веќе не е во критична состојба“, рече д-р Кристин Бланшард, медицинска директорка во окружната болница Солзбери.

 

Сергеј Скрипаљ (66) и неговата ќерка Јулија (33) се во болница повеќе од еден месец откако беа најдени во несвест на клупа во Солзбери.

 

Тие беа отруени со токсичен нервен агенс наречен новичок.

 

Владата на Велика Британија тврди дека Русија стои зад нападот, но Москва негира каква било вмешаност, нарекувајќи ги обвинувањата „ужасни и неосновани“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien