Веруваме во судот дека ќе донесе правилна одлука и дека нема да подклекне под притисоците на власта. Снимките од домашните камери се несоборлив доказ дека син ми Јане Ченто е дома, а не надвор за временскиот период за кој е обвинет. Тој треба да се врати во домашен притвор. Ова го изјави Коле Спиркоски, татко на Јане Ченто кој е правнук на Методија Андонов Ченто осомничен за случувањата на 27 април во Собранието на РМ.
„Ние имаме докази од нашите домашни камери дека сето тоа што го тврдат не е вистина. На снимките се гледа дека полицијата доаѓа околу 11.16 часот, да провери дали Јане е дома, а запишуваат дека тој не бил наводно дома од 11.10. тоа е првата лага. Како службеници лица тие влегле во дворот, но не заѕвовиле. Куќата има влезна врата која постојано е отворена, има ѕвонче, тие не го направија тоа. Ние не сме задоволни од нивината изјава деја тој не бил дома. Камерите го покажуваат спротивното. После 10-тина минути околу 11.33 часот мојата снаа со внукот излегува од дома, во меѓувреме нема друг влез и излез на никого. Нема ниту од каде да се влезе или излезе од друго место, а на снимките се гледа дека Јане околу 11.46 часот излегува и пие кафе во дворот“, вели Коле Спиркоски, татко на Јане Ченто.
Спиркоски вели дека симптоматично е и тоа што Јане е повторно приведен дури по 4 дена, а не истиот ден на 30 март кога наводно не бил дома.
„Ова е ептен наместена работа од МВР. Веруваме сега во судот и се надеваме дека ќе постапи како што треба и дека правилно ќе оцени. Како доказен материјал заедно со снимките поднесуваме жалба со нашиот акдвокат и со докази да се потврди вистината. А како сведок ќе го побараме и службеното лице од МВР кое дојде да го бара Јане, а тврди дека тој не бил дома. Јане е присутен дома цело време. Тој како службено лице требало да си ја изврши работата како што треба, ако треба и нека ја искрши вратата и ќе виде дека Јане е дома. А не тој ниту заѕвонил ниту, прашал дали е тој дома. Ако не е дома по закон тој треба да повика засилување и да се провери дали тоа е навистина така. Полицаецот тврди дека викал, а тоа не е вистина. Се гледа дека само стои тука и се јавува некаде на телефон“, додава Спиркоски.
Спиркоски вели дека немало да попуштат и дека ќе одат до крај иако немале многу пари за адвокати сепак се надева дека ќе докажеле дека Ченто не го прекршил законот.