Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали го осуди второстепено лидерот на Српската радикална партија Војислав Шешељ на 10 години затвор за злосторства извршени за време на балканските војни.
Меѓутоа, Шешељ нема да оди во затвор бидејќи во притворот на Хашкиот трибунал за време на судењето мина вкупно 11,5 години.
Жалбениот совет веќе донесе одлука дека Шешељ е виновен за злосторства против човештвото по точките 1, 10 и 11 од обвинението, а кои вклучуваат прогони, протерување и присилно преместување на население.
Претседателот на српските радикали со првостепената пресуда од 2016 беше ослободен од сите обвиненија на Хашкото обвинителство.
Шешељ не присуствуваше на изрекувањето на второстепената пресуда, а претходно изјави дека ќе ја преспие.
„Во тоа време секој ден спијам, па така ќе биде и додека тие ја читаат одлуката“, изјави Шешељ.
Шешељ на Хашкиот трибунал доброволно му се предаде на 26 февруари 2003 година, судењето почна во 2007 и траеше пет години, а привремена дозвола за враќање во Србија поради лекување доби во 2014 година.
Со првостепената пресуда судскиот совет на Хашкиот труибунал на 31 март 2016 го ослободи Шешељ од сите девет точки од обвинението, со кое се товари дека со говор на омраза ги поттикувал и поддржувал воените злосторства во Хрватска и БиХ за време на воените конфликти, како и протерувањето на Хрватите од Војводина.