Меѓаши: Потребна е целосна истрага за претепувањето на ученичката во Неготино

Facebook
Twitter
Email
Print

Во јавноста излезе видео снимка на која се гледа како две ученички брутално тепаат друго девојче, додека останите деца околу нив само гледаат и снимаат со мобилни телефони, без при тоа да се обидат да ги разделат или да повикаат помош, што предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Настанот се случил во средата по часовите, покрај оградата, од надворешната страна на училишниот двор од основно училиште „Гоце Делчев“ во Неготино .

 

Според соученици на девојчињата, тие во минатото биле другарки. Кавгата и тепачката, наводно настанала поради момче, односно поради љубомора.

 

Првата детска амбасада „Меѓаши“ во денешната пишана реакција во врска со претепувањето на ученичка во основно училиште „Гоце Делчев“ во Неготино бара Министерството за образование и наука да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и да се преземат мерки вакви случаи да не се повторат.

 

„Повторно и по којзнае кој пат сме сведоци на уште една агресија врз децата во рамки на образовна институција. Во дворот на ОУ „ Гоце Делчев“ во Неготино две ученички брутално тепале и влечеле за коса една нивна соученичка и тоа во присуство на други деца кои набљудувале и соучествувале. Не се важни причините за овој брутален чин, но застрашува фактот на неконтролирана агресија од страна на децата врз свои соученици, што е резултат пред се на затајување на воспитанието во семејството а веднаш потоа и затајување на воспитно образовниот процес во училиштето.

Ова покажува дека не само ранливите категории деца се изложени на опасности туку и децата во училиштата. Очекуваме Министерството за образование и наука т.е. министерката Рената Десковска да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и каде потфрлил целиот наставен кадар, дежурни наставници, педагози, психолози, кои треба да работат на превенција на насилствотo и мора да имаат постојан увид за тоа што се случува во училиштето и училишниот двор. Овој брутален настан покажува дека е напразно секакво трансформирање на образованието ако се запоставува елементарната функција а тоа е воспитанието на младите но и ако не се работи на превенција на насилството во училиштата.

Тоа е и потврда за недоволната грижа или немањето капацитет за справување на училиштата со проблемите на учениците и нивното однесување и потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат.Ги повикуваме службите во МОН да ги ревидираат застарените правилници за регулирање на поведението на учениците и да разработат мерки за интеревнција при инциденти на насилство во училиштата.

Исто така сметаме дека државата треба да работи на отворање на центри во кои ќе се работи и со децата жртви, но и со децата насилници, бидејќи на семејствата чии деца се вклучени во вакви инциденти им треба психосоцијална помош и друга поддршка.

Детската амбасада Меѓаши повикува на поголема одговорност на родителите и нивна активна улога во превенција на меѓуврсничкото насилство за да не се случи најлошото! Воедно ги повикуваме Државниот просветен инспекторат и МВР да го утврдат степенот на одговорност, со казни за сите сторители и соучесници“ велат од Меѓаши.

 

Според директорот на неготинското училиште, каде се случи тепачката, случајот го истражува и просветен инспектор, а против двете девојки кои тепаат нивна соученичка се преземени соодветни мерки.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи