До кога ќе трае агонијата наречена судење за случајот „Монструм“ и дали ќе се чека со години или со децении, го прашаа денеска родителите на убиените момчиња и рибарот, судијата Огнен Ставрев кој сега постапува во повторената постапка, откако предметот го презеде СЈО.
„Оваа агонија трае шест години. До кога да чекаме, до кога ќе трае ова судија? Дали секое рочиште ќе се чека некој кој се разболел да оздрави, додека нашето здравје се уништува? До кога ќе чекаме?“, праша Јулијана, мајка на едно од убиените момчиња.
Судијата Ставрев вети дека судот и обвинителството заедно ќе ја најдат вистината за ова грозоморно убиство и побара од семејствата на убиените да имаат трпение.
„Ве молам имајте трпение. Се работи за многу сериозен предмет. Јас ви ветувам во име на судот дека ние, односно обвинителството и судот ќе ја најдеме вистината за петкратното убиство“, рече судијата Ставрев.
И обвинителката Фатиме Фетаи истакна дека СЈО ќе стори се да се дознае вистината за петкратното убиство.
„Едно можам да кажам, дека ќе ги искористиме сите ресурси и човечки и технички за да ја утврдиме вистината“, рече обвинителката Фетаи.
За денешното рочиште подготвени за почеток на процесот беа и СЈО и судот, но во судница отсутен беше обвинетиот Фејзи Азири, па судењето беше одложено за 15 мај, а беа определени датуми за уште две рочишта, 23 мај и 12 јуни.