Голем дел од центарот на Берлин, вклучително и главната железничка станица беа евакуирани денеска со цел да се деактивира бомба од Втората Светска Војна. Полицијата ги евакуираше сите згради во радиус од осумстотини метри, а во прекин беше градскиот сообраќај во тој реон.
„Зборуваме за бомба што е околу 110 на 45 сантиметри, значи станува збор за тешка бомба која има потенцијал да предизвика сериозна штета во центарот на градот, затоа се справуваме со ситуацијата многу многу внимателно“, рече портпаролот на полицијата Винфрид Венцел.
Британската бомба тешка 500 килограми беше откриена за време на изведување на градежни работи во зграда во текот на оваа недела и беше успешно деактивирана.
„Бомбата е успешно деактивирана, со контролирана експлозија е уништена запалката настрана од бомбата“, соопшти полицијата.
Берлин за време на Втората светска војна често беше цел на воздушни напади. Во околу 380 бомбашки напади до 1945. година, Американците, Британците и Русите според проценките на историчарите, фрлиле врз градот преку 45.000 тони експлозив. Првенствено при поголеми градежни работи постојано се наидува на заостанати неексплодирани бомби од времето на војната. Градската управа за заштита на животната средина претпоставува дека под земја во германскиот главен град сѐ уште се наоѓаат околу 3.000 бомби, гранати и остатоци од муниција.