Мигрантите што сакаат да живеат во Нов Зеланд во своето барање за виза сега можат да ја наведат проституцијата како работна вештина, јавуваат светските медиуми.
Мигрантите што сакаат да дојдат во Нов Зеланд можат да добијат поени за квалификација како работници во сексуалната индустрија. На списокот на Стандардна класификација на занимања во Австралија и Нов Зеланд (АНЗСЦО) проституцијата е опишана како „обезбедување социјална придружба“.
За да ги исполнат критериумите на висококвалификуван сексуален работник, потенцијалните имигранти мора да имаат вештини на петто ниво од списокот на АНЗСЦО и завршено средно образование. Тие исто така мора да имаат најмалку три години работно искуство, а платата мора да им биде поголема од 25,87 американски, односно 36,44 новозеландски долари на час.
Законот со кој работата во сексуалната индустрија во Нов Зеланд е декриминализирана изгласан е во парламентот во 2003 година. Проституцијата станала легално занимање за да се заштитат човековите права на сексуалните работници и да се спречи нивната експлоатација. Нов Зеланд денес е познат како држава што обезбедува најдобри работни услови за проституција.