Иран најави одговор за наводниот израелски напад во Сирија, Израел се подготвува за војна

Facebook
Twitter
Email
Print

Два дена по спорниот напад во Сирија, за кој се верува дека е дело на Израелците, во светот сè повеќе се зборува за можен судир на Израел и Иран.

 

Високиот ирански службеник Аладин Боруџерди изјави дека Иран „во соодветно време и на соодветно место“ ќе одговори на наводниот израелски ракетен напад, во кој се убиени неколку Иранци во Сирија. Неговата изјава претставува прв директен одговор на нападот на две бази на северот на Сирија во неделата навечер, кои наводно ги извел Израел.

 

„Агресијата на ционистичкиот ентитет против присуството на нашите воени советници во Сирија ни дава право да одговориме на соодветно место и во соодветно време“, кажа Боруџерди на новинската конференција во главниот град на Сирија, пренесува АП.

 

Реагирајќи на таа закана, израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман рече дека заканите од Иран „доаѓаат една недела по друга“ и ако постапат според нив, Израел соодветно ќе реагира.

 

„Израел не може да ја игнорира иранската закана“, заклучи израелскиот министер, пренесоа израелските медиуми.

 

Нападот во неделата само уште повеќе ја зголеми напнатоста меѓу Израел и Иран, клучниот сојузник на сирискиот претседател Башар Ал Асад и потенцијалниот нивни конфликт е на врвот на листата за потенцијални конфликти во светот.

 

Како што пренесуваат медиумите, Израел сè повеќе станува свесен за влијанието на Иран во Сирија. И сè додека Русија води воздушна војна за режимот на Асад во Сирија, Иран води копнена војна, тврдат американски претставници наведувајќи дека ирански борци има во секоја поголема руска и сириска база во земјата. Според истите претставници, минатата недела високи воени службеници на Израел се состанале со американските колеги, барајќи поддршка за поголема акција против Иран во Сирија, што подоцна беше негирано од страна на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи