Спортскиот директор на Рома, Мончи, беше исклучително бесен после испаѓањето на италијанската екипа од Лигата на шампионите, бидејќи поради тоа, меѓу другото, беа заслужни и бројните судиски грешки.
Мончи смета дека италијанскиот фудбал поради елиминациите на Рома и Јувентус е оштетен поради отсуството на ВАР во Лигата на шампионите, а исто така потенцира дека со право може оштетен да се смета и Баерн Минхен, во дуелот со Реал Мадрид, во кој не беа досудени два пенала.
„Примивме гол од офсајд на првиот меч, во вториот меч не добивме два пенала, од кои еден исто така беше и за црвен картон. Време е да го кренеме нашиот глас и тоа не само Рома, туку и Јувентус, затоа што имаа иста неправда против Реал Мадрид. Италијанскиот фудбал мора да го крене гласот затоа што она што го видовме во Лигата на шампионите е шокантно. Со одлуките се игра со срцата на навивачите. Му честитаме на Ливерпул за пласманот во финалето, но мора да се види и како дојде до истиот. Шпанец сум, тука пристигнав пред една година, но време е да го кренеме гласот на неправдите. Не разбирам зошто ВАР не се користи во најважното натпреварување во светот. Не се прави штета само на економски план, туку се губи и страста. Нашите фудбалери во соблекувалната беа многу лути. Мора да ја воведеме технологијата во Лигата на шампионите, не знам зошто УЕФА чека уште на тоа. Навивачите се шегуваат дека ако имаше ВАР, финалето ќе беше Баерн Минхен – Рома. Но, тоа е вистината. Не е никаква шега“, изјави Мончи.