Општина Прилеп, ги демантира денешните наводи од прес конференцијата на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, што го одржа советничката Ирена Стерјоска Локвенец, поранешна директорка на домот за стари лица од Прилеп, „Киро Крстески – Платник“.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Напорите на новата локална власт, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и в.д директорот на ЈКП „Комуналец“ се во насока на што поголема комунална хигиена, хортикултурни решенија, еколошки решенија што значат чиста вода, воздух и почва и ефикасна и законска работа на Општината и комуналните претпријатија.
Состојбата која што е затекната во моментот на доаѓање на новата локална власт е катастрофална од секој аспект.
Прво, ЈКП „Комуналец“ немаше шинтерска служба регистрирана согласно со закон, а имаше вработени кадри за такви позиции. Па, изминативе 4 месеци од доаѓање на новото раководство во ЈКП „Комуналец“ во соработка со Општина Прилеп се вложува напор законски да се реализираат сите обврски во оваа сфера.
Второ, се вложуваат максимални напори да се коригира затекнатото несовесно и незаконско работење на ексдиректорот на ЈКП „Комуналец“, Златко Ристески, кој што од моментот на доаѓање на новата локална гарнитура практично не ни водеше сметка за комуналната хигиена во Прилеп.
Освен што остави огромни долгови како финансиски товар, меѓу нив и за неплатен долг кон УЈП, Ристески несовесно раководеше 2 месеца до доаѓање на новото раководство, така што затекнати се бројни диви депонии како во околината, така и во градот. Тоа беше причина, викендов Општината и јавните претпријатија со механизација и човечки ресурси да организираат еколошка акција за чистење на отпад, смет и градежен шут, која што заврши успешно,зашто се собрани околу 250м3 комунален и градежен отпад.
Трето, новата автомобил машина за метење улици, плод на соработката на Општина Прилеп со „Прилепска Пиварница“,компанија која што, оваа машина ја стави на располагање на ЈКП „Комуналец“, ќе има огромни позитивни ефекти не само врз комуналната хигиена во градот, туку и за намалување на концентрацијата на штетните ПМ 10 честички. Што значи двојни се ефектите и во насока на чиста животна средина.
Четврто, Во Општина Прилеп во тек се интензивни активности за набавка на нови автобуси на метан, кои што не само што ќе го подобрат квалитетот на јавниот транспорт, туку ќе придонесат за намалување на аерозагадувањето.
Петтто, во тек се и многу бројни други активности во Општината и јавните претпријатија кои што требало во текот на изминатите 12 години, да ги преземе поранешната локална власт, а не биле преземени.
Затоа, Општина Прилеп ги повикува советниците од опозицијата, наместо да држат пресови и презентираат невистини и спинови, да покажат политичка култура и демонстрираат конструктивна работа во Советот, на чии што седници доправа ќе треба да го дадат својот глас за одлуки, кои што ќе го подобруваат континуирано квалитетот на животот во Прилеп.
На крај, едно потсетување за советничката, поранешна директорка на домот на стари лица „Киро Крстески-Платник“, Ирена Стерјоска Локвенец.
Нејзиното разрешување од функцијата е резултат на бројните и секојдневни реакции од граѓаните, од вработените, од штитениците и од граѓани што имаат свои роднини сместени во домот. Нехигиената во домот, целосната негрижа за оваа институција и згрижени штитеници се карактеристиките за периодот на нејзиното раководење.“