Џезаир Шаќири, е новиот ангажиран надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на канцеларијата на премиерот Зоран Заев, потврди Владата претпладнево.
По два дена молк Владата потврди дека поранешниот командант на ОНА, е ангажиран да го советува Заев.
Шаќири е времено ангажиран со договор за една година и ќе зема плата од 36.000 денари месечно, се вели во известувањето од Владата.
„Кој ги блокираше албанските партии десет години да ме посетат во Танушевци? Десет месеци тука во Скопје единствените политичари кои ме посетија и искажаа благодарност се Весел Мемеди и Гилимзере Касапи. Зошто би бил јас виновен за тоа што Заев беше помудар од нашите политичари и ме симна од планина за да ми даде барем некаква функција во владата. Кој им пречеше на албанските партии да ме остават 10 години на страна или зошто албанските партии кои беа или се во власта не му го земаа бајракот на Заев и маркетингот не го направија свој“, напиша Шаќири на Фејсбук“.
Претходно, поради негативните реакции во јавноста за неговиот ангажман, реагираше и Шаќири. Според неговите зборови, премиерот Заев имал две опции, или да го нападне во село Танушевци или да му обезбеди функција блиску до него, која би била гаранција за неговата физичка безбедност.
„Откако Заев победи на изборите, имавме политички договор според кој, како гаранција за мојата безбедност ќе добијам владина функција и ќе бидам блиску до премиерот, а за возврат Танушевци ќе биде „ослободено“. Всушност, Заев направи проста математика. Или требаше со сила да го нападне селото или да ме проближи до него и да нема проблеми“, изјави Шаќири.