ВИДЕО – И годинава по 7- ми пат неверојатно доживување на MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE 2018

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Утре и во недела во Мариово по 7-ми пат ќе се одржи аутдор фестивалот MARIOVO OFF ROAD EXPERIENCE 2018. Кампот ќе биде сместен во манастирот Свети Илија во село Мелница. Двете велосипедски тури ќе започнат во сабота со почеток во 10 часот. Големата тура е долга 50 км, а малата 30 км. Се посетуваат селата Бешиште, Градешница, Старавина, Зович, Манастир.Вечерта пак во саботата ќе има музичка вечер со Јаков Дренковски. Во недела пак ќе има искачување на врвот Висока, а истиот ден и клубот 4х4.мк, со своите теренски возила ќе го посети Мариово. Повеќе околу целиот овој настан поразговаравме со организаторот Слободан Трајковски.

 

 

 

Фестивалот започна со главна активност на планински велосипедизам и одржувањето на тие две тури – една помала и една поголема. Дали и оваа година ќе ги има, кога ќе започнат и кои локации ќе ги посетат учесниците?

 

Како што почнавме на почетокот во 2012 година, имаме две велосипедски тури, пократка и подолга. Промената кај нив е во однос на времето. Стартот оваа година е во сабота на 12 мај во 10 часот. Локацијата е манастирот Св. Илија, пред селото Мелница. Ги потсетуваме гостите дека претходните години бевме во село Манастир, оваа година сме во селото Мелница, во манастирот Св. Илија, таму е стартот и финишот на двете тури. Големата тура е долга 50км со 1200 метри искачување и ги посетува селата Бешиште, Градешница, Старавина, Зович, Манастир и завршуваме повторно во манастирот Св. Илија. Малата тура оди од манастирот Св. Илија кон селото Мелница и Витолиште, а ги посетува дополнително селата Полчиште и Бешиште. Таа е во должина од 30км со искачување од околу 500м. Многу забава очекуваме и на двете патеки.

 

 

 

 

Ова е седмо издание и има седум активности. Кои?

 

Велосипедизмот од првата година, потоа имавме планинско трчање, планинарење, аеробик, спалеологија, болдеринг и оваа година за прв пат, на мое големо задоволство, направивме соработка со клубот 4х4.мк, кои со нивните теренски возила ќе го посетат Мариово и ќе покажат дека потенцијал за развој на таков туризам и на такви активности има и во овој крај. Тие вечерва ќе бидат во Старавина, а утре по патеката ќе дојдат на стартот во Мелница и потоа по различни патеки ќе возат низ целата област Мариово и ќе бидат наши гости на фестивалот.

 

Спомнавте и планинарење и спалеологија, која пештера ќе се посети и кој врв ќе се искачува?

 

Планинарењето е закажано за недела во 9 часот на преминот Висока, над селото Бонче. Ќе се искачува врвот Висока, на Селечка планина. Таму планинарите ќе може да го посетат на врвот археолошкиот локалитет Пелагон и по пат ќе посетат две стари македонски гробници, с. Бонче и повторно ќе завршат на врвот Висока. Планинарите ќе бидат придружени од археолог од Прилеп, кој што 30-тина години работи на областа и на локалитетот, кој што ќе додаде посебна тежина на планинарењето, каде што доплонително ќе може да ги запознае гостите со историското значење на крајот. Минатата година ја посетивме Мелничката пештера, во близина на селото Мелница. Преку применувањето на тие спортови, сакаме да истакнеме дека и тие спортови можат да се применуваат во Мариово, организирано луѓето можат да ги применуваат тие активности.

 

 

 

 

Настанот ќе има и хуманитарен карактер ?

 

Да, оваа година решивме стартниот пакет да биде донација во вредност од најмалку 300 денари, кој што ќе биде оставен до кутија за донации на влезот во кампот. Средствата кои што ќе бидат собрани ќе бидат донирани на семејството за лечење на нашиот пријател и основач на здружението Вело Европа, Ѓоко Коколански, кој што пред 7-8 месеци преживеа мозочен удар. Сега е во фаза на лечење, ја прима терапијата за која што требаат средства и решивме она што ќе го собериме овде како велосипедисти, да го донираме за неговата терапија. Но многу поважно од средствата што ќе ги донираме е моралната поддршка, која што знаеме дека му значи и одиме со мотото Мариово за Ѓоко, тој го знае тоа, и со надеж дека еден ден повторно ќе може да ни се придружи на нашите активности и авантури низ Македонија.

 

Изминативе години Mariovo Off Road Experience беше познато покрај спортувањето и по добрата забава и дружба. Дали оваа година ќе имаме некаков концерт или нешто слично?

 

Да, исто така една од позначајните работи за мене кои што ќе се случат ќе биде настапот на Јаков Дренковски, кој што ќе биде тивок акустичен настап во кампот. Почнувајќи од минатата година решивме да повикуваме музичари, уметници кои што негуваат македонски звук, кои што негуваат потивка музика. Поважно ни е во Мариово да дојдат луѓе кои што ќе знаат и вистински ќе ја ценат областа и ќе знаат да уживаат. За разлика од претходните години кога викавме погласни рок бендови, во секоја фаза од годините фестивалот си носеше нешто ново, па сега сме во некоја таква акустична потивка фаза.

 

 

 

Уште од самите почетоци на овој фестивал, целта беше да се запознае Мариово. Колку успеавте сега еве после 7 години да ја остварите таа цел?

 

До минатата година само на Mariovo Off Road Experience, вкупно за сите 6 години до минатата година, фестивалот и областа го имаат посетено 2.400 гости. Постојано бројката се зголемуваше нагоре и ако порано мислевме дека Мариово е село, кое што е запуштено, скаменет простор кој сме го читале само во учебниците во школо, сега го запознавме Мариово и дознавме дека тоа е една од најатрактивните области во Македонија заради многу работи. Не само заради можностите за развивање на outdoor спортовите и авантуристичкиот туризам, Мариово е богато и со духовност. Тоа го даваат црквите и манастирите кои се наоѓаат во областа, архитектурата, флората и фауната, реките и мислам дека фестивалот и областа ги ставивме на календарот на луѓето кои применуваат outdoor активности. И надвор од фестивалот, една од нашите цели, луѓето ја посетуваат областа и ги применуваат тие спортови. Значи пак ги повикуваме луѓето, не мора само на фестивалот да дојдат и да го видат Мариово, можат и на секој друг викенд , или секој друг ден. И мислиме дека ја постигнуваме целта.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи