Мојот брат е во Косово, комуницирав со него преку вибер, рече на денешното рочиште за случајот Монструм обвинетиот Агим Исмаиловиќ.
На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи која е точната адреса и каде точно се наоѓа неговиот брат Африм Исмаиловиќ, обвинет во оваа постапка кој се бара по потерница, Агим рече дека тој живее во Приштина, дека адресата не ја знае, но дека косовската полиција има точни податоци и многу добро знае каде живеат и неговито брат Африм како и обвинетиот бегалец Алил Демири, по кого исто така е распишана е меѓународна потерница.
Обвинетиот Исмаиловиќ даваше контроверзни одговори и за тоа што правел на денот на убиството, од тоа дека бил на работа во интернет кафе, па бил да се моли во џамија и бил дома, за на крајот да одговори дека не се сеќава точно каде се наоѓал во тој период.
По неговите различни одговори за тоа каде се наоѓал на денот на петкратното убиство, Фетаи посочи и дека во претходната судска постапка, освен овие три одговори кажал дека местел канализација. Каде и со кого и колку дена работел и поставувал канализација, Агим Исмаиловиќ на денешното рочиште не знаеше точно да одговори пред судот.