Легендарниот капитен на Барселона Андрес Иниеста целата досегашна кариера ја помина во каталонскиот гигант, но во недела доаѓа крајот на оваа приказна која трае речиси две децении. Иниеста си заминува на крајот од сезоната, а в недела на „Камп Ноу“ ќе игра против Сосиедад, во последниот меч од првенството.
Тоа ќе биде и испраќање на Иниеста од Барселона. Миленикот на навивачите ќе добие кореографија како што заслужува. „Бесконечност Иниеста“ ќе пишува на големите трибини на најголемиот стадион во Европа, додека за головите ќе биде знакот на бесконечноста, кој е во вид на легната осмица, токму бројот кој го носи Дон Андрес.
Феноменалниот 34-годишен Иниеста ги освои сите најзначајни трофеи со Барселона. Девет пати беше првак на Шпанија, а има и четири титули во Лигата на шампионите.