Поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини, кој суспендиран е од спортот поради корупција, тврди дека Светското првенство во 1998 година било наместено за во финалето да играат Бразил и Франција.
Поранешниот претседател на УЕФА беше дел од организацијата на големото натпреварување во неговата родна земја, призна дека била наместена ждрепката, односно распоредот, за да се поклопат коцките кога е во прашање проектираното финале, што на крајот и се исполни.
„Кога го правевме календарот, направивме еден мал „трик“. По составувањето на истиот беше јасно дека против Бразилците нема да се сретнеме пред финалето. Не смеевме да си дозволиме чекањето од шест години за организација на Мундијалот да не го заокружиме со спектакл. Тоа беше финалето за кое сонуваа сите. Мислите ли дека останатите домаќини не го правеле истото? Финалето со Бразил беше сон на секого“ , изјави поранешниот француски репрезентативец.
Да потсетиме, Бразил пред турнирот беше прва екипа на светот и делегиран директно во првата А група, додека Франција беше домаќин и на второ место на ФИФА листата па беше ставена во групата Ц, односно на спротивната страна од жрепката.
Бразил и франција ги освоија првите места во групите, потоа поминаа неколку препреки и стигнаа до големото финале, во кое славеа домаќините на Мундијалот.