ВИДЕО – Во Прилеп се одржа уште еден уникатен настан – планинската трка „Momata rock trail 2018“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

По 4-ти пат во Прилеп се одржа планинската трка насловена „Momata rock trail“ по позната карпа „Момата“ која се наоѓа на Селечка планина. Патеката е долга 21 км, а на трката учествуваат над 120 учесници од цела Македонија. Организатор на настанот е Здружение за атлетски и планински спортови „Единак“ од Прилеп, според кого оваа трка придонесува за развојот на туризмот во Прилеп и промоција на тие т.н. екстремни спортови кои ги негува градот.

 

 

„Пред 4 години група ентузијасти од Прилеп, поучени од светските трендови, меѓутоа и инспирирани од природата и од фантастичната околина и условите кои што ги имаме во градот Прилеп и неговата околина, решија да направат еден пионерски обид и да воспостават една средно-долга трка во планинско трчање, наречена  „Момата Рок Треил“. Нормално заради фактот што трката поминува покрај препознатливиот геоморфолошки облик наречен „Момата“. Добро позната карпа не само за прилепчани, туку и за еден поширок круг на планинари и спортски ентузијасти од цела Македонија“, вели Рубин Николоски, од Здружение за атлетски и планински спортови „Единак“ од Прилеп кои се организатори на трката.

 

 

 

Според Николоски планинското трчање е само еден облик и една форма на спортска активност која и тоа како може да придонесе за развој не само на спортската култура, туку и за туризмот на градот Прилеп.

 

Со вакви настани може и тоа како да се продолжи туристичката сезона и може да понуди нешто што останатите градови и туристички дестинации во Македонија не можат да го понудат. Но исто така битно, од аспект на заштита на животната средина, затоа што луѓето кои што земаат учество во ваков вид на настани, без разлика дали е класично планинарење, болдеринг, алпинизам, планинско трчање итн., се секогаш одговорни и во однос на животната средина имаат високи критериуми и високи стандарди. Она што го прават пред сè го прават за промоција и заштита на спортскиот начин на живот, но пред сè со посебен акцент на зачувување на природното богатство кое што го имаме. Планинското трчање кое што е во подем не само во Македонија, туку и во светски рамки, убедени сме дека може да придонесе значително во подобрување на таа состојба“, додава Николоски.

 

 

 

Учесниците велат дека поради пејсажот и конфигурацијата на теренот ова била една од најубавите планински трки кај нас иако ги имало многу малку.

 

„Ова е мое 4 учество, значи од самиот почеток на трката. Секако дека е една од најубавите, најимпресивните трки во Македонија, иако ги имаме во мал број. Од година во година расте ваквиот број на трки, засега ги имаме околу 4 вакви треил трки. Доста тешка трка со стрмно искачување и спуштање и тоа ја прави интересна. Овие трки придонесуваат за сè поголема популаризација на планинското трчање и исто така бројот на учесници расте на секоја од трките што ги имаме во Македонија. Од година во година бројот е сè поголем и интересот за овие трки е поголем“, вели Жикица Ивановски, учесник на трката.

 

„Ова ќе ми биде трет пат да учествувам, трета година по ред. Теренот е разновиден, планината ни нуди различни нешта, има карпест терен, шумски терен. Има карпест терен каде може да се осети треил трчање, има добри патеки, има и дел со шума каде се трча под сенка“, кажа Антонио Каранфилоски, учесник на трката.

 

„Теренот е прекрасен, природата е прекрасна, организацијата на трката е одлична. Мислам дека е од среден карактер на тежина за оваа дистанца и има одличен спуст на крајот“, рече Мартин Ќартошев, учесник на трката.

 

 

 

 

Учесниците на ваквите планински трки велат дека планинското трчање станува се попопуларен спорт во Македонија и дека има големи перспективи. Но најважно од се било дружбата, затоа што најголем дел од учесниците биле тука поради добрата забава и дружба, а не поради постигнатиот резултат.

 

„Тоа е активност во која што човек среќава прекрасни луѓе и едноставно не може да се измори. Мислам дека не претставува проблем ни далечината, ни парите, ни возраста, едноставно сите доаѓаат за дружење. Многу малку доаѓаат за постигнуваат некои резултати, резултатите се во нашата глава. Јас трчам 30 години, ме радува што од година во година сè повеќе луѓе се занимаваат со таа активност“, вели Никола Исајловски, учесник на трката.

 

„Ова ми е прв пат каде што учествувам на било какво трчање, било каков маратон. Има некоја тензија тука. Планинското трчање почнува да се развива сè повеќе и повеќе во Македонија, мислам дека сè повеќе како една мода што се развива, а и мислам дека ќе се одржи, затоа што имаме потенцијал, нашата држава има потенцијал за нештото да се одржи“, вели Викторија Николовска учесник на трката.

 

„Ме радува што еве и кај нас во Прилеп почнаа да се случуваат премногу настани, да се одржуваат евенти и да се збира младината пред сè. Пред сè природата, чистиот воздух, дружењето и убаво е на вакви работи да се збира народ“, потенцираше Оливера Николовска, учесник на трката.

 

Организаторите планираат од наредната година зголемување на трката за уште една категорија.

 

„Плановите се класичната 20 километарска траса да остане како таква, затоа што таа е на некој начин и заштитен знак, меѓутоа најверојатно од идната година ќе се воведи уште една дисциплина, потешка, во повисока категорија и би било идеално и ние ќе направиме сè што е во наша можност да таа биде официјално признаена од Светската асоцијација за планинско трчање и да истата носи поени во однос на светското рангирање за учесниците на ваков тип на настани, со тоа што треба да се направат сериозни чекори кон интернационално препознавање на трката и она што таа може да го понуди, за да привлече што е можно поголем број на учесници и партиципиенти од другите држави, односно балкански и југоисточно европски простори. Најверојатно нема да биде пократка од 40 километри“, додава Рубин Николоски, од Здружение за атлетски и планински спортови „Единак“.

 

Инаку ова е втора планинска трка во Прилеп по „Krali Marko Ultra trаil“ која лани беше поделена во 4 категории, а најголемата дестинација беше долга 100 км.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи